Ковачки: Македонската држава умира на рати

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук пишува дека македонската држава умира на рати.

„Македонската држава умира на рати. Се плашам дека ќе треба да им кажеме на идните генерации, да размислат дали е време да си го побараат чарето надвор по белиот свет, оти ние, нашата генерација Македонци сме на најдобар пат да ја уништиме нивната иднина и тоа на маса, со пенкало.
Да ставиме прст на чело и да се прашаме: Зошто?
Затоа што сите одлуки ги носат и во голема мера се условени од ликови кои ги имаме во македонската политика: аболицирани, амнестирани, лица на црната листа на САД, убијци на македонските чеда, докажани криминалци со кривични дела, митаџии, лица со неистражени и крајно сомнителни активности…
Затоа што нема одговорност. Ниден политичар освен Амди Бајрам нема лежено во затвор. А и тој, после одлежаната затворска казна повторно се врати во политиката и гласаше клучни закони, па дури и смена на Уставот.
Затоа што промовираме европски вредности само на збор, а во позадина сме потонати во неморал, непотизам, кронизам, корупција, уцени и целосна партизација. Во последните години и класично своеволие на сите нивоа и сите видови власт.
Затоа што е нормално да уценуваш и поткупуваш пратеници, а притоа да нема никаква одговорност и казна за поткупувачот и за поткупениот.
Затоа што експертите во македонската политика ни го наметнаа и ни го величаат консензуалниот модел на демократијата, а народот тоа го прифаќа оти зборот консезуалност добро звучи. Притоа, промоторот не сака да каже дека тоа е модел за заостанати и нефункционални држави, а не за напредни демократии кои претендираат да бидат членки на ЕУ.
Затоа што наместо да зборуваме за унапредување на граѓанските права, ние како Македонци по род молчиме (заради некакво поголемо добро) и ги оправдуваме националистичките барања кои водат кон редефинирање и конечен распад на државата.
Затоа што глумиме држава, а ги уништивме и така слабите демократски капацитети.
Затоа што е нормално политиката да владее над правото.
Затоа што законите не важат за сите подеднакво и некои се ПОеднакви од другите.
Затоа што е нормално да лажеш и крадеш оти сите тоа го правеле, а борците против корупција да бидат најкорумпирани.
Затоа што Волтеровата „Јас не го одобрувам тоа што го зборуваш, но до смрт ќе го бранам твоето право да го кажеш тоа“ е погазена на ниво на ерес, па лица се осудени на затворски казни заради фејсбук статуси (!!!).
Затоа што не сме свесни дека залудно се надеваме дека ако се откажеме од правата и слободата кои друг ги извојувал за нас, дека ќе имаме мир.
Затоа што малограѓанството, одмаздољубието и алчноста се нормални и општо прифатени стандарди.
Затоа што е нормално на оние што си ја сакаат татковината да им залепиш етикета на националисти, шовинисти, заостанати и небањати озлогласени терористи.
Затоа што е нормално министерот за здравство кој тотално потфрли во стратегијата за борба со КОВИД 19, наместо да одговара, повторно да биде награден со министерска функција.
Затоа што наместо еднакви шанси за сите, имаме партиска одлука од партијата на власт.
Затоа што е нормално и е востановена пракса пред избори да си купиш глас со вреќа компири и 3 литра зејтин.
Затоа што е нормално да ја злоупотребиш вонредната состојба и да ги пренамениш заедничките народни пари за партиски изборни цели преку ваучери.
Затоа што е нормално невладините организации да примаат пари од владата и истовремено да бидат невладини.
Затоа што службите за безбедност масовно се злоупотребуваат и се во потполна функција на партијата, а не во функција на државата.
Затоа што македонските интелектуалци се конформисти и можеби со право одлучиле да одмолчуваат.
Значи вака, имаме 2 решенија: или ќе се освестиме и ќе најдеме сили како нација да се исправиме на патот на европските вредности, или ќе се редефинираме и самоукинеме под балкански правила.
И двете решенија бараат жртвување. Првото е посакувано и тешко, но не и невозможно. Второто е лесно, но најмалку посакувано“ – пишува Ковачки.