ССК од Владата побара итно нов сет мерки за спас на економијата

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на официјалната средба во средата со премирот Зоран Заев и неговиот економски тим, ги потенцираше приоритетите кои треба да отпочнат да се реализираат уште во првиот месец од формирањето на новата Влада, за справување со кризата, а потоа за економско закрепнување, известуваат од Комората.

Данела Арсовска, претседател на Сојузот на средбата со премиерот Заев истакна дека најпрво е потребен директна финансиска помош за претпријатијата кои се во тешка состојба и се борат да ја одржат ликвидноста.

„Директна таргетирана финансиска помош во следните месеци е неопходна за опстојување и покривање на основните месечни трошоци, а воедно да се овозможи на оние на кои им е тоа неопходно одложување или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината“, рече Арсовска.

Најавата за укинување на парафискалните, односно скриени давачки кои во вкупната сума често ги надминуваат даночните обврски, посочи натаму Арсовска во изјават за медиуми, беше едно од барањата на ССК и очекуваат согласно ветеното реализација на ова ветување.

„Овие скриени и непредвидени трошоци кои согласно регистарот на ССК ги има повеќе од 145 се очекува да се скратат, со што во време на криза ќе биде дополнителна помош за претпријатијата“, посочи претседателката на Сојузот.

Арсовска истакна и дека е особено важно справувањето со сивата економија, којашто според неа, треба да се води со „одлучна акција“ уште во првите месеци од новата Влада.

„Ако не се реши во криза овој проблем, неиздржливоста на состојбите ќе поттикне даночна евазија. Доколку оние кои работат на црно нерегистрирани поминуваат неказнети, тоа ќе испрати лоши сигнали за сите граѓани кои се дисциплинирани и плаќаат даноци“, појасни таа.

„Дополнително, посебен акцент треба да се стави на коалициската борба со корупцијата за да нема можност за изигрување на прописите“, изјави Арсовска и додаде дека на приватниот сектор му е потребно владеење на правото, сигурност и верба во институциите“, заклучи Арсовска.

Во текот на средбата Заев рекол дека Сојузот на стопански комори е значаен субјект и испратил порака до малите и средни претпријатија дека државата е „тука кога треба да се подаде рака и да биде најдобар сервис на граѓаните“.

Заев најавил капитални инвестиции, стабилна даночна политика, дигитализација, реформа во администрацијата, намалување на парафискалните давачки за 70%, поддршка на извозот, владеење на правото. Потврдил дека Сојузот ќе биде вклучен во креирањето на економските политики и во следењето на нивната имплементација, единствено така може да очекуваме зголемен економски раст и развој.

Заев истакнал и дека од Сојузот очекува голема помош во борбата со сивата економија, која ќе се спроведува во најголем дел преку зајакнување на инспекциските служби како и со дополнителни инструменти.

Претседателството на Сојузот на стопански комори на Македонија, исто така, во разговорите со економскиот тим на Владата ја истакна важноста неопходните економски приоритети да бидат во согласност со реалните потреби на претпријатијата.