Кривичниот суд нема став, Обвинителството допрва ќе одлучува дали ќе се жали за скандалозната пресуда за сообраќајката кај „Млечен“

72

Кривичниот суд засега нема коментар за скандалозната пресуда на судијката Елена Илиевска Јосифовиќ која досуди само условна казна во траење од две години за возачот кој пред две години со својот џип недозволено преку две полни ленти кај „Млечен ресторан“ во Скопје уби 32-годишен маж додека возел мотоцикл со неговата сопруга, која беше тешко повредена и го загуби бебето.

Образложението на судијката било дека возачот на џипот ја признал вината и пред судот не се бранел дека е невин. По лавината негативни реакции кај граѓаните кои револтирани на социјалните мрежи прашуваат колку вреди човечкиот живот кај нас, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев за Канал 5 вели дека во моментов не може да ја коментира вчерашната пресуда бидејќи ги нема сите потребни информации врз основа на што се базира оваа одлука на судијката. Најави дека во понеделник ќе ги разгледа сите аргументи за предметот по што ќе излезе со официјална реакција.

Со оглед дека одлуката се уште не е правосилна, сега се чека ОЈО дали ќе се жали до Апелација. Од Обвинителството допрва ќе одлучат дали ќе поднесат жалба за пресудата.

„По добивањето на писмената пресуда надлежниот јавен обвинител ќе ги разгледа аргументите во неа и ќе донесе одлука за натамошно постапување“, велат од ОЈО за Канал 5.

Возачот на џипот „ситроен крузер“ е Васил Ч, директор на фирма во Тетово , кој во моментот на несреќата имал 62 години. Делото за кое го товарело ОЈО Скопје дека ја загрозил безбедноста во сообраќајот поради небрежност, но бидејќи имало и смртни последици, возачот се товари примарно по член 300, каде во став 4 е предвидена казна затвор од една до пет години доколу настапи смрт на едно или повеќе лица.

Од семејството на починатиот се згрозени од изречената пресуда. Прво реагираше сопругата на починатиот, Наташа Апостолоска, која и самата има тешки последици од несреќата. „Денеска, во името на граѓаните на РМ, судијата Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна осуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, бебето и мене ме остави со тешки телесни повреди!!! Само затоа што признал! Дно дна!!! напиша Апостолска на „Фејсбук“.

Со слична реакција на гнев и разочарување се јави и таткото на починатиот. Вели дека уште пред изрекувањето на пресудата биле предупредени да останат смирени.

„Ние ќе бидеме казнети ако негодуваме а тој што одзеде животи и уништи животи на фамилии си е слободен? Тоа е нашето судство, обвинителство и цел ланец на судски заврзлами. Сега нека пресуди народот кое судство и која правна држава ја имаме“, напиша меѓудругото таткото на починатиот.

Дел од медиумите посетуваат дека името на оваа судијка во 2017 се најде во Извештајот на Стејт Департментот за состојбите во Македонија, за како што е наведено, политички манипулации со назначувањата во судството, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство. СЈО претходно бараше и изземање на Илиевска-Јосифовиќ од случајот „Трезор“, заради несовесно и нестручно работење но судот ги отфрли наводите како неосновани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.