Изложба „Космички бумеранг” на Зоран Арсовски-Бабата во Истанбул

– Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул денеска ќе биде отворена изложбата „Космички бумеранг” на академскиот ликовен уметник Зоран Арсовски-Бабата, на која ќе бидат претставени 20-ина дела од најновата продукција на авторот. Континуитетот во разработка на оригинални идеи ќе биде одржан и овојпат, така што уметникот ќе прикаже нова техника на изработка со композитен материјал на сликарско платно – епокс смола во комбинација со силикати и бои. Арсовски е меѓу првите уметници во регионот кој го развива и употребува овој материјал за изработка на ликовно дело на платно што, според рецензијата, се должи на неговата висока стручност и знаење и на повеќегодишното искуство во користењето на ликовните материјали и техники.

Според Роберт Цветковски, историчар на уметноста, самата идеја е презентирање на визијата на Арсовски за космичките пејзажи и перманентни движења на космичката маса како процес кој во окото на гледачот може да предизвика повеќе асоцијации и дека сето тоа е изведено со живи и силни бои, создавајќи чувство на огромна енергија и движење, зајакнато со блесокот од рефлексот на употребениот материјал.

Зоран Арсовски-Бабата (Куманово, 1980) дипломирал во 2005 и магистрирал во 2007 година на Националната ликовна академија во Софија, на насоката сликарство. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) и досега има реализирано 13 самостојни изложби и учество на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти и симпозиуми во земјава и во странство.

Работи во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово како стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Работи штафелајско сликарство и изработува фрескоживописи, икони, сценографии, илустрации и дизајн.