Тешки порази на Монпелје и Монако

Во средбата од осмото коло на француското фудбалско првенство Монпелје на свој терен доживеа тежок пораз од 0:4 од Ремс кому ова му беше првата победа оваа сезона, а Монако со четири погодоци беше декласиран уште во првото полувреме.

Лион веќе во првиот дел го откажа Монако, иако на крајот гостите од Кнежевството имаа речиси двојно повеќе посед на топката (66 наспроти 34 отсто). Стрелци за домашните беа Мемфис Депај во 12, Карл Токо Екамби во 34 и 44 минута, а пенал во 41 минута реализираше Хусем Ауар. На почетокот до вториот дел Монако од пеналот на Висам Бен Једер го намали водството, но до крајот попусти останаа настојувањата на неговите играчи да постигнат уште некој погодок. Во 89 минута домашните останаа и без исклучениот Мелвин Бард.

Лион сега е шести на табелата со 13 бодови, а Монако благодарејќи на лошите резултати на ривалите, остана на 12-то место со 11 бодови.

Херој на мечот во Монпелје беше сенегалскиот напаѓач Булеи Диа кој постигна хет-трик, двапати реализираше најстрога казна во 9 и 56 минута а од игра погоди во 13 минута. Меѓу стрелците кај гостите се впиша и Натанаел Мбуки во 31 минута.

Играта на Монпелје беше пореметена веќе во 7 минута кога беше исклучен Виторино Хилтон, а целосно е распадна во 42 минита кога домашните останаа без уште еден исклучен играч, Дамиен Ле Тајек.

Монпелје остана на 11-то место со исто толку бодови, а Ремс уште е претпоследен 19-ти, но сега со пет бодови, два помалку од местата кои се надвор од опасната зона.

Гостинска победа оствари и Стразбур кој со 3:0 го совлада Брест. Стрелци за гостите беа Хабиб Диало во 27, Кени Лала во 40 минута од пенал и Лудовик Ажорке во 67 минута.

За Стразбур ова беше втората победа сезонава покрај шесте порази во осумте кола и со шест бодови е на 18-то место, а Брест е 14-ти со девет бодови.

Бордо, пак, оствари домашна победа над Нимс со головите во финишот на мечот, а стрелци беа Џими Бријанд во 80 минута од пенал и Ремо Уден во 82 минута. Бордо е деветти на табелата со 12 бодови, а Нимс е 16-ти со осум бодови.

Домашна победа оствари и Мец над Сен Етјен, а стрелци беа Фарид Булеја во 5 а во 78 минута Алфа Сисоко си постигна автогол. Мец е на десетотто место со 11 бодови, а Сен Етјен по добриот стар на сезоната последните кола бележи слаби резултати и падна на 13-то место со десет бодови.

Ница и Лил ги поделија бодовите со резултат 1:1. Домашните поведоа во 49 минута преку Каспер Долберг, а во 58 минута израмни Бурак Јилмаз.

Ница сега е на шестото место со 14 бодови, додека Лил е вторпласиран со 18 бодови, колку што има и водечкиот бранител на титулата ПСЖ. На третото и четвртото место се Рен и Марсеј со по 15 бодови.