Почнува расправата за ребалансот на Буџетот – дефицит од 56,5 милијарди денари од БДП

Денес во Собранието од 13 часот започнува пленарната седница на која ќе се расправа за ребалансот на Буџетот на Република Македонија. Согласно Деловникот расправата може да трае најмногу 5 дена.

На ребалансот му претходеше амандманска расправа во Комисјата за финансирање и буџет на која што од поднесените 186 амандмани, 17 беа усвоени.

Со предложениот Ребаланс на Буџетот за 2020 година се обезбедуваат средства за спроведување на четвртиот пакет на антикризни мерки.

Овој сет на мерки се состои од три столба:

– Првиот е наменет за граѓаните, социјалниот сегмент што се однесува на граѓаните и нивниот стандард за соочување со овој период.

– Вториот столб се однесува на приватниот сектор односно економската активност и работните места, сите активности што подразбираат ликвидност, финансиската стабилност и економското опоравување и

– третиот столб подразбира фискалната и финансиската стабилност воопшто во економија, вклучувајќи ја и финансиската стабилност на општините.

Ребаланс на Буџет 2020

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5% во однос на иницијалните проекции на Буџетот.

Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи учествуваат со 55,6% и се планирани на ниво од 109,2 милијарди денари. Социјалните приходи како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 65 милијарди денари или за 2,5 % повисоко во однос на планот за 2020 година.

Останатите приходи (неданочни, капитални и странски донации) се планирани на ниво од 22,1 милијарди денари. Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 4,1%, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49% од БДП.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.