За Македонија позитивното со Софија е добро за сите, инаку неуспехот е заеднички

Ако има позитивно решение на релација Македонија-Бугарија, тоа ќе биде добро и за Македонија и за Бугарија и за цела ЕУ и за целиот балкански регион. Во спротивно ќе имаме споделен неуспех за сите. Ова е накусо ставот на македонската владина делегација по денешниот Самит за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Софија.

„Тоа е важно за Македонија и за Бугарија. Тие сакаат да има решение, ние сакаме исто. Работиме заедно како добри соседи, посветени на заедничката европска иднина“, додаваат оттаму.

Ставот на Владата е дека успешниот Берлински процес дава позитивен моментум и охрабрување на процесот, а тоа е надополнето со засилениот ангажман на Германското претседателство со ЕУ.

Лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија заврши со заеднички изјави за медиумите и за јавноста за резултатите од Самитот на ко-домаќините на настанот, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов, и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел на чија иницијатива се спроведува Берлинскиот процес за регионот.

Во своето обраќање на Самитот, премиерот Зоран Заев денеска рече дека за прв пат воведената пракса за заедничко водење на проектите од оваа иницијатива од земја членка и земја кандидат за членство од Западен Балкан, е силен доказ за тоа дека Берлинскиот процес суштински ги забрзува и зајакнува евроинтегративните аспирации на земјите од регионот.

„Дискутиравме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Акцискиот план за заеднички регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи ќе го поттикне економскиот раст и развојот во регионот, но исто така и ќе опфати и некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, нудејќи огромен потенцијал за раст, за нови работни места и за стратешки пристап кон заштитата на животната средина“, изјави Заев на прес-конференцијата.

Според него, ЕУ храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, со што ќе се обезбеди голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економска трансформација на регионот.

„Претставувањето на Зелената Агенда за Западен Балкан дополнително ќе донесе нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ“, рече Заев.

Тој уште додаде дека идејата за интерконекција, којашто е во сржта на Берлинскиот процес, еволуираше во поврзаност во многу поширока смисла од инфраструктурната и регионот со право ја препозна важноста на деловната поврзаност, младинската мобилност, дигиталната поврзаност, дијалогот со граѓанското општество, културната размена, со цел да се конкурира на глобалните пазари, како и заради општата благосостојба на своите граѓани.

„Сите ние се согласивме дека треба да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси и да ја унапредиме регионалната економска соработка за да се постават темелите за одржлив раст. Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ. Визијата на Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда го покажуваат вистинскиот правец“, изјави Заев.

Низ Берлинскиот процес како политичката платформа, како што рече, се остваруваат и други инцијативи како што се регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и соработката во областа на здравството за регионален одговор на пандемијата.
„Регионот ја поттикнува и ја обезбедува реализацијата и на иницијативите за соработка со граѓанското општество, особено за прашањата поврзани со младите“, додаде Заев.

Лидерите на земјите од Западен Балкан, учесници на Самитот во Софија во рамките на  Берлинскиот процес, денеска ги потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција, што е чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и Декларацијата за зелената агенда, кои се изработени и усогласени во годината кога со процесот кодомаќини се Северна Македонија и Бугарија.