
Списанието „Монокл“ го прогласи главниот град на Данска, Копенхаген – за најубав град за живеење за оваа година. Пандемијата на овид-19, се вели, ги направи дискусиите за зелениот простор, подоброто домување и привлекувањето нови таленти – поважни од кога било.
– Копенхаген е еден од оние градови каде што постои вистинска амбиција да се обезбеди подобар квалитет на живот за сите. Стремежите за создавање почиста околина се најдобри тука, а градот ги бележи придобивките од повеќегодишните урбани инвестиции – вели главниот уредник на „Монокл“, Ендрју Так.
По Копенхаген, следат Цирих, Хелсинки, Стокхолм, Токио, Виена, Лисабон, Оукланд, Тајпеј, Сиднеј, Сеул, Ванкувер, Минхен, Берлин, Амстердам, Мадрид, Мелбурн, Кјото, Бризбејн и Лос Анџелес.
Ова се градовите кои ја искористија изминатава година, како што се наведува, за подобро да ги изградат своите улици, просторот за живеење, стопанството, културната сцена… Истражувањето и рангирањето на „Монокл“ е објавено во изданието за јули/август 2021 година.