Две скопски училишта ќе продолжат со меѓународната ИБ програма и во предметна настава

Меѓународната ИБ-програма која лани првпат беше воведена во одделенска настава (од прво до петто) во „Браќа Миладиновци“ во Аеродром и во „Св. Кирил и Методиј“ во Центар, од учебната 2014/2015 ќе продолжи и во предметната настава во овие две скопски основни училишта – од шесто до деветто одделение, пишува порталот Курир.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска соопшти дека имплементацијата ќе се прошири и во повисоките одделенија поради доброто искуство и резултати од програмата и позитивните реакции на наставниците и на родителите на учениците.

Програмата позитивно беше оценета и од претседателката на Комисијата за образование и култура во Европскиот парламент, Дорис Пак, која во ноември минатата година ги посети училиштата и задоволно изјави дека тука се обучуваат деца за да станат добри граѓани на Европа.

Можностите на програмата во првата година од нејзиното воведување ги искористиле 519 ученици во двете училишта, а со нејзиното проширување ќе бидат опфатени околу 820.

„Со тоа целосно ќе го заокружиме нашето ветување за континуитет во спроведувањето на наставата по ИБ програма во овие две училишта, а не е исклучена и можноста, со оглед на интересот, во следниот период со оваа реформа да бидат опфатени и училишта од други општини во Република Македонија, за што ќе биде направена анализа и проценка на предусловите за имплементација на оваа образовна програма“, рече Ристовски.

МОН и натаму ќе ги финансира сите трошоци за имплементација на ИБ програмата, така што за родителите и училиштата ќе нема дополнителни финансиски оптоварувања.

Образовната програма ИБ (International Baccalaureate) е меѓународно стандардизирана и ја имаат воведено 145 земји и над 3.500 училишта, најчесто приватни. Се спроведува во соработка со Меѓународната ИБ образовна фондација, основана во 1969 со седиште во Женева. Опфаќа три генерални програми: за одделенска настава (од 3 до 12 години), за предметна настава (од 11 до 16 години) и програма диплома (за ученици од 16 до 19 години).

Го надминува класичниот начин на предавање и е фокусирана кон стекнување суштинско знаење и вештини, преку поголема застапеност на интерактивна и практична настава.