Спречена диверзија на Јужен тек

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) спречила саботажа на дел од гасоводот Јужен тек преку кој рускиот гас се испорачува во Турција и натаму кон Европа во регионот на рускиот град Волгоград, на југот на земјата, соопштија во четвртокот во Москва.

„Федералната служба за безбедност на Руската Федерација (…) спречи обид на украинските специјални служби да извршат саботажа и терористички чин на гасоводот Јужен тек преку кој се доставува енергенсот во Турција и Европа“, се наведува во соопштението за јавност на ФСБ.

Приведени се четворица осомничени како потенцијални извршители на саботажата, и сите се врбувани руски државјани, се додава во објавата.

Во текот на претресите на неколку локации поврзани со осомничените, биле пронајдени четири магнетни мини, четири килограми пластичен експлозив, осигурувачи за одложено дејство, пари во рубљи во износ од околу 10.000 долари, како и „средства за комуникација кои содржат преписка и кореспонденција со покровителот од специјалните служби на Украина“.

Пронајдени биле, исто така, и инструкции за правење експлозивни направи и координати на локацијата на којашто требало да биде изведена експлозијата. Поради тоа, покренато е постапка за подготовка за терористички напад, организирање терористичка група и недозволено поседување експлозиви, се додава во соопштението на ФСБ кое го пренесуваат руските медиуми.

Агенцијата ТАСС истовремено објави дека претходно руските служби уапсиле тројца државјани на Украина кои се осомничени за терористички напад и нелегално поседување оружје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.