Фон дер Лаjен пристигна во Киев

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаjен денеска пристигна во Киев на средби со украинските претставници чија цел е да се нагласи поддршката за таа земја пред првата годишнина од руската инвазија на Украина, која започна на 24 февруари минатата година.

„Добро е што се враќам во Киев, четврти пат од почетокот на руската инвазија. Овој пат, со својот тим комесари“, објави Фон дер Лaјен на Твитер со фотографија од дочекот на железничката станица во Киев.

Тука сме заедно за да покажеме дека ЕУ стои цврсто со Украина како и секогаш и дополнително да ја продлабочиме нашата поддршка и соработка, напиша претседателката на ЕК.

Агенцијата АФП претходно објави дека членовите на ЕК денеска ќе се сретнат со членовите на украинската влада, а Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ќе се сретнат со претседателот Володимир Зеленски на самитот ЕУ-Украина.

Дводневната посета на највисоките европски претставници уследи по најавата на украинската влада дека од Европската унија очекува насоки за почетокот на официјалните преговори за членство во ЕУ „што е можно побрзо и што поуспешно“.

Исто така, се очекува дека ЕУ ќе објави обука на дополнителни 15.000 војници како дел од тековната мисија за обука, со можни дискусии за финансиска и хуманитарна поддршка и континуирана помош за одржување на извозот на храна дури и во воени услови.