Лавров го смета Западот за виновник за проблемите на Балканот

Огромен медиумски интерес во Скопје предизвика прес конференцијата на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров која траеше речиси час и половина.

Над 100 новинари, сниматели и фотографи од европските медиуми и дваесетина плус кои пристигнаа со руската делегација – огромен медиумски интерес во Скопје предизвика прес конференцијата на министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров која траеше речиси час и половина.. Во десетиците прашања фокусот беше војната во Украина, па во неколку наврати Лавров им забележа на новинарите дека не се работело за војна, упатувајќи низа критики до западот.

Оцени дека нема причини да се слави 30 годишнината на ОБСЕ затоа што, како што рече Лавров, организацијата е деградирана на сите полиња, а говорите на западните министри на Самитот во Скопје се доказ дека тие не ја научиле лекцијата. Според него тенденциозна била и кратката посета на Блинкен пред почеток на самитот, пред тој да пристигне во Македонија.

-Побегна мојот колега, државниот секретар на САД Блинкен, јас не побегнав никаде. На овој настан не присуствуваа ниту украинскиот министер, ниту министрите на Полска и балтичките земји. Како што разбрав, заминаа и Блинкен и Борел. Зошто се случува ова? Тие веројатно мислат дека со тоа ја нагласуваат нивната намера да се изолира Русија. И мислам дека тие се едноставно кукавици, се плашат од каков било искрен разговор со фактите во рака,Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

Лавров беше прашан и за коментар околу македонско-бугарските односи.. Рече дека не е експерт за конкретниот проблем, но оцени дека зад секој Балкански проблем повторно стои Западот кој според него ги „подбуцнувал“ народите едни против други.

-Не само за односите меѓу Бугарија и Македонија, туку за сите балкански земји, би рекол дека коренот на сите балкански проблеми лежи во однесувањето на западните сили, особено за државите од поранешните југословенски држави. Иако сум тука два дена, ги гледам луѓето на улица и гледам топлина и гостопримство. Чувството е заемно, Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

На острите критики и обвинувања од Лавров експресно реагираше амбасадорот на САД во ОБСЕ Карпентер, кој кажа дека шефот на руската дипломатија ја префрла вината на погрешна адреса.

-Видете, никој не сака да седи на мaсата со министерот Лавров и да слуша лаги, дезинформации и пропаганда, значи да се држите подалеку од масата мислам дека е чин кој има многу смисла доколку не сте некој кој е мазохист. Мислам дека министерот за надворешни работи Лавров, со цела должна почит, има тенденција да префрла вина на други. Ја има усовршено таа уметност. Всушност мислам дека треба да погледне и да се преиспита за руското влијание во разни демократски земји, вклучително и на Западен Балкан каде е многу изразено, би било соодветно за него, Михаел Карпентер – амбасадор на САД во ОБСЕ.

По прес конференцијата, руската делегација си замина од Скопје.

Самитот во Скопје беше првиот настан по почетокот на војната на кој присуствуваа и Лавров и Блинкен, но тие не само што не се сретнаа, туку и целосно се разминаа, што според дел од дипломатите што учествуваа на состанокот, беше оценето како пропуштена шасна да се разговора за крај на војната во Украина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.