9,5 милиони евра запленети од фирма на Самсоненко

441

Извршителот Никола Богатинов на 26 ноември пријавил дека од уделот на бизнисменот Сергеј Самсоненко во компанијата „Сис Инвест Груп“ има налог за запленување на имот од 9,5 милиони евра, пишува Фактор.

Извршителот го известил трговското друштво дека се врши заплена на уделот во големина од 9.540.749 евра од главнината на „Сис Инвест Груп“, на должникот Сергеј Самсоненко заради наплата на побарување.

Во Централниот регистар е соопштено дека доверителот се стекнува со заложно право на уделот, а  на должникот му се забранува да располага со запленетиот удел. Во известувањето се напоменува дека на 29 декември 2020 Основниот граѓански суд Скопје донел решение да запре стечајната постапка по предлог на должникот откако на тоа се согласиле доверителите кои пријавиле побарување. Но по речиси една година уделот на Самсоненко од предмет на стечајна маса сега станува предмет на извршување, бидејќи по правосилноста на решението „Сис инвест груп“ во меѓувреме излегува од стечај и може слободно да управува и да располага со имотот што влегол во стечајна маса.

Како што претходно беше објавувано во медиумите, во листата на доверители во оваа стечајна постапка биле пријавени 14, со вкупно побарување од 9,5 милиони евра.

Всушност, со ова треба да се реши судбината на двата објекта на плоштадот во Скопје што ги градеше рускиот бизнисмен. Неговата фирма „Сис инвест груп“,  ги поседува недоградениот хотел „Мериот Кортјард“ и невселениот Офицерски дом.

Од досега објавените информации како доверители се јавуваат фирмата „Кратер“, чие побарување е најголемо и изнесува два милиона евра,  фирмата „Ексико“ која што побарува 1,7 милиони евра.  „Кара“, која  бара 390 илјади евра. Побарување од 195.000 евра  има и Стопанска банка Битола, друга фирма на Самсоненко „Балкан груп констракшн“, со која од претходниот инвеститор, грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас  го купи плацот и делумно изградените објекти за 660.000 евра, за што склучил договор со Министерството за транспорт и врски, тој сака да наплати  634 илјади евра. А, како физичко лице бара уште 26.000 евра, кои како позајмица ги дал на „Сис инвест груп“. Доверители на „Сис инвест груп“ се уште и НЛБ Банка, општина Центар, Град Скопје, како и градските претпријатија „Водовод“ и „Комунална хигиена“.

Во овие објекти Самсоненко досега вложил 14 милиони евра, а франшизата за хотелот „Мериот Кортјард“ ја платил 199.000 евра. За да го заврши целиот градежен потфат, Самсоненко проценил  дека му се потребни уште 20 милиони евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.