Груевски за „Фајненшл тајмс“: Македонија повикува за притисок врз Грција во спорот за името

Изгледите за договор околу грчко-макеоднскиот спор околу името на Поранешната југословенска Република Македонија се најлоши во последните 18 месеци, а за било какво пробив би била потребно интервенција од САД и големите сили во Европа, вели премиерот Никола Груевски за „Фајненшл тајмс“.

 

Во интервјуто за угледниот економски магазин, Груевски вели дека владите на Македонија и Грција направиле мал напредок кон компромис кога социјалистот Јоргос Папандреу беше премиер во Атина од 2009 до 2011 година, но овој напредок назади откако конзеративниот Антонис Самарас ја презеде власт во јуни 2012 година.

 

„Многу е полошо од претходно“, вели Груевски во интервјуто дадено во Лондон, каде како што пишува „Фајненшл тајмс“ премиерот се подготвувал за конференција за привлекување инвестиции.

 

„Ситуацијата може да биде одблокирана ако Грција е под некаков притисок од земјите како САД, Германија и Франција. Но, ако не е нема ни да биде“, вели Груевски.

 

Груевски, пишува магазинот, вината ја става на Самарас, обвинувајќи го дека заземал “еден од најрадикалните позиции кои ги имала Грција во историјата на проблемот.“

 

„Фајненшл тајмс“ во текстот потсетува дека спорот се појавил по независноста на Македонија во 1991 година и дека поради овој нерешен проблем Македонија е парализирана на патот кон евроатлантските интеграции.

 

Груевски, пишува магазинот, демантира дека проектот „Скопје 2014“ е причина за зацврстување на станот на Грција во спорот за името.

 

„Откако креиравме своја сопствена држава, сметавме дека е добро да имаме 20 или 30 статуи на луѓе од нашата историја. Никогаш идеата не беше да предизвикаме проблеми со Грците“, вели премиерот.

 

Прашан каков вид притисок смета дека треба да биде направен врз Грција, Груевски вели дека големите сили треба да ја посетат Грција на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

 

„Сакам да видам притисок кој што ќе биде во насока на почитување на одлуката на МСП. Барам почитување на меѓународното право. Инаку која е поентата на судот и која е поентата на меѓународното право?“, вели Груевски во интервјуто.

 

На крајот „Фајненшл тајмс“ потсетува дека последниот предлог за името е даден во април годинава од медијаторот Метју Нимиц. Нимиц, пишува магазинот, предложил името да биде Горна Република Македонија и да биде користено на меѓународно ниво, но земјите кои веќе не признале под уставното име да продолжат да го користат во билатералната комуникација. Но, предлогот беше одбиен од Грција која инсистира дека сакаат едно име за севкупна употреба и дадоа предлог за Република Горна Македонија. Грчкиот предлог, пак, беше неприфатлив за Груевски и неговота влада, наведува на крајот од текстот „Фајненшл тајмс“.