Механизам за соработка со Русија ќе и помага на српската економија

Србија воведе механизам за успешна соработка со Русија, што несомнено ќе придонесе за развојот на српската економија, изјавил денеска пред новинарите српскиот премиер Ивица Дачиќ, по средбата со руски бизнисмени, соопштија светските агенции, повикувајќи се на „ИТАР – ТАСС“.

Средбата се одржа во градот Јагодина, каде руската компанија „Норт картон“ планира да изгради фабрика. Поздравувајќи ги руските бизнисмени, Дачиќ рекол дека тие треба да се чувствуваат како дома, бидејќи се наоѓаат меѓу пријатели.

„Благодарни сме на се’ поголемото присуство на руски компании во Србија“, истакнал Дачиќ, потсетувајќи дека на 24 ноември започна изградбата на на гасоводот „Јужен поток“ на територијата на Србија, што ќе овозможи преку овој проект да бидат ангажирани илјадници луѓе и компании.

„Русија е еден од нашите најголеми трговски партнери“, истакнал српскиот премиер.

Дачиќ вели дека српската Влада подготвува програма, чија цел е да се зголеми извозот и развој на локалното земјоделство.

„Рускиот пазар е огромен и Србија треба организирано да пристапи кон прашањето за извозот на своето земјоделското производство“, рекол тој.

Пред една недела српските медиуми пишуваа дека посто опасност Србија да се претвори во втора Украина.