Од 500 до 1.000 денари изнесува покачувањето на цените за верските обреди на МПЦ – ОА, односно крштевка, венчавка и погреб, па така сега погреб со еден свештеник чини 3.000 денари, а венчавка со еден свештеник 6.000 денари, пишува „Нова Македонија“ .
Оваа одлука владиците ја донеле во почетокот на минатиот месец, а во некои епархии таа веќе почнала да се спроведува. Покачувањето, како што велат од МПЦ, било од економски причини.
Во скопската епархија сега крштевка чини 4.000 денари, венчавка со еден свештеник 6.000 денари, венчавка со тројца свештеници 7.000 денари, а погреб 3.000 денари.
Во помалите градови, пак, и натаму ќе останат да важат старите цени, поради лошата финансиска состојба на голем дел од жителите.
Владиката Тимотеј, портпаролот на Синодот на МПЦ, вели дека за пет отсто се зголемени цените на верските обреди, но одлуката не била целосно и еднакво спроведена во сите епархии.
Верниците нагласуваат дека се високи цените за верските обреди. Сметаат дека економските стандарди не им дозволуваат да дадат од 50 до 100 евра за крштевка или за венчавка.
Свештениците, пак, велат дека обредите како крштевка и венчавка се прават само еднаш во животот. Според ценовникот на скопската епархија, крштевката чини четири илјади денари, од кои половина ги плаќа кумот, а половина родителите на детето што се крштева. За венчавка со еден свештеник се наплаќа шест илјади денари, а доколку свечениот чин го извршуваат три свештеници, се плаќа седум илјади денари. Наплатата се дели на четири дела, односно на младоженецот, кумот, старосватот и на родителите на невестата. Опелото за погреб чини три илјади денари, пишува „Нова Македонија“.
Фото: Премин портал