Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски и раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје, Слободанка Алексовска информираа за Програмата за субвенционирано вработување и Програмата за вработување на деца без родители и родителска грижа.
Министерот Спасов рече дека најголем предизвик е да се направи првиот чекор во отворањето на сопствен бизнис и активно вклучување на пазарот на трудот, кој може да биде и клучен за личниот успех.
Токму затоа, Министерството за труд и социјална политика и Владата на Република Македонија изминативе години на сите лица подготвени да реализираат остварливи идеи, им помага на овие лица да ги направат првите чекори преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработувањево кој се содржани програми и мерки коишто имаа најголеми резултати во однос на обезбедување на вработување, поттикнување на вработување, мерки за коишто има голем интерес од страна на невработените, мерки за зголемување на вештините, способностите и знаењата на невработените лица и сл.
“Една таква мерка која има навистина голем успех, мерка со која се дава финансиска помош на приватните фирми за нови вработувања, а пак од друга страна се дава шанса и можност на невработените полесно да дојдат до работа преку Програмата за субвенционирање на вработување за која што за 2014 година обезбедивме финансиска поддршка за вработување на 587 евидентирани невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа на Агенцијата за вработување на Република Македонија кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Од нив 80-тина лица се од ранливите групи: жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, поранешни корисници на дрога, родители на деца на улица, самохрани родители, жртви на трговија со луѓе). За таа цел од Буџетот на Македонија издвоени се 47.520.000 денари.
Финансиската поддршка за вработување на невработени лица од ранливи групи изнесува 17.000 денари по лице месечно, од кои 3.000 денари по лице ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.
„Секој работодавач кој има вработено до 10 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 2 невработени лица; до 50 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 5 невработени лица и над 50 работници има право на субвенција за вработување најмногу до 10 невработени лица”, истакна Спасов.
Оваа мерка, како што рече тој, е наменета и за лица на возраст од 50-59 години, млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица (5 години и повеќе), и за нив се предвидува субвенционирање на вработување преку финансиска поддршка.
„За секое вработено лице се исплаќа бруто плата во износ од 13.000 денари месечно за период од 6 месеци. Работодавачот има обврска лицето да го задржи на работа најмалку уште 12 месеци (вкупно 18 месеци) или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица при што приоритет ќе имаат лицата од истата целна група.“, појасни тој.
Програмата за субвенционирање на вработување на невработени лица ја реализира континуирано од 2007 година, и е една од најуспешните мерки имено изминатите години преку оваа мерка постигнати се 4668 вработувања, меѓу кои и млади лица до 29 години, долгорочно невработени лица, самохрани родители, деца без родители и слично.
„За оваа година вистински ќе се бодуваат најдобрите компании, ќе се бодуваат оние работни места кои се во прогрес, работодавачи кои во последниот период само го зголемувале бројот на вработени и ќе се обидеме да ги избереме најдобрите работодавачи и најсоодветните невработени“, истакна Поповски.
Во рамки на овие програми влегува и субвенционирањето на компаниите кои што вработуваат лица, кои до 18-тата година билебез родители и родителска грижа.
„Целта на оваа програма е да се стимулирање вработувањето на 20 лица од оваа категорија преку финансиска поддршка на работодавачите“, рече Алексоска, која нагласи дека за таа намена се одвоени 2,48 милиони денари од буџетот.