Груевски достави предлог за нови министри за внатрешни работи и за транспорт и врски

Премиерот Никола Груевски вечерва до Собранието достави предлог за избор на двајца нови членови на Владата. Се предлагаат нови министри во министерствата за внатрешни работи и за транспорт и врски, пренесува МИА.

За нов министер за внатрешни работи се предлага Митко Чавков, а за министер за транспорт и врски Владо Мисајловски.

Чавков е актуелен директор во Бирото за јавна безбедност, а Мисајловски е директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

Од доставените биографии може да се увиди дека и двајцата се стручни и професионални лица кои извршувале одговорни раководни позиции.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски седницата за избор на новите членови на Владата ја закажа за утре во 13 часот.