„Виновникот“ за незаборавните забави во 60-тите и 70-тите години во Скопје, легендарниот диџеј Мице, го сретнавме зад пултот во новоотворениот бар Speakeasy, кој го носи духот на прохобицијата во градот, пушташе музика од неговото време, ретро хитови на кои танцувале сите во „Мусандра“.
Во интервјуто за Нетпрес, Михаил Бошковски-Мице не’ врати назад во времето, на лудите забави, каде, како што вели тој, сите танцувале како Џон Траволта и Оливија Њутн-Џонс. Ноќниот живот во македонската престолнина започнува кратко по катастрофалниот земјотрес, кога Мице и неговите другари го отвораат првото диско. Вели дека забавите ги започнувал со I shot the sheriff , и дека пуштал и сентиши за момчињата да им се додворуваат на девојките.
Нетпрес: Познати сте како првиот диџеј во Скопје, како во тоа време, кога оваа професија била речиси непозната во Македонија, Вие ја започнавте својата кариера?
Диџеј Мице: Се’ започна две години по земјотресот во Скопје, во 1965 година со група мои пријатели го отворивме првиот диско клуб во Работничкиот Универзитет, кој денеска е Центар за култура и информации. Таму се состанувавме два пати во неделата. Прво, добивме една канцеларија каде од дома носевме плочи и слушавме музика. Подоцна почнавме да правиме и игранки или да ги наречеме диско забави. Тоа траеше две-три години, а потоа добивме и една подрумска просторија во истата зграда, која личеше малку повеќе на дискотека, првата ни беше импровизација. А користевме и една кино сала, која денеска е салон 19.19. Јас со пријателите ќе се качев горе на бината, на две маси, два грамофона, пуштавме музика, а публиката седеше и слушаше музика, а ние им кажувавме кој ја напишал песната, кој ја пее, го кажувавме она што го имавме како податоци во тоа време.
Нетпрес: Од каде ги прибиравте тие музички информации, кога во тоа време и немало толку медиуми и брз проток на вестите?
Диџеј Мице: Информации речиси и немавме, освен тоа што ќе се кажеше на радио, а тоа се земаше здраво за готово за точно. Но, јас имав еден извор од Загреб, од каде што добивав плочи, а со плочите добивав и музички списанија. Добивав две, а понекогаш и три музички списанија, „Њу мјузикал експрес”, „Диск анд мјузик ехо” и „Рекорд мирор”, кои што беа актуелни списанија во тоа време, каде што имаше многу прегледни топ листи. Се’ што ми требаше нарачував и за десет дена ги добивав.
Значи, младите во тој период во Скопје биле информирани како оние во Лондон, што се однесува до новините во музиката.
Нетпрес: Познати сте и по Вашите емисии на радио, раскажете ни малку и за тоа?
Диџеј Мице: Во ’67-мата година јас ја добив првата емисија на радио „Скопје“, авторска и се викаше „Клуб на дискофили“, а една година потоа и тогаш уредник Ѓоко Ѓоргиев ја укина емисијата и во истиот термин, сабота попладне во 17 часот, ја започна емисијата „Три гонга“, која имаше преку илјада емисии и се емитуваше преку 20 години. Во првите пет години му бев и лева и десна рака на Ѓоко Ѓоргиев и го снабдував со сите странски песни, а тој беше задолжен за македонската и тогаш југословенската музика. Во меѓувреме добив уште неколку емисии на радио, во еден период имав вкупно пет емисии, a добив и една емисија на телевизија која ја водев заедно со Коле Ангеловски и тогаш композиторот Димитар Масевски напиша и песна за мене, „Еј, еј, Мице диск џокеј“.
Нетпрес: Познати сте п о тоа дека имате огромна колекција на плочи?
Диџеј Мице: Имам илјадници плочи, некои ги фрлам бидејќи зафаќаат многу голем простор, тешко се одржуваат, а и не ги употребувам повеќе, за мене тоа е техника на минатото и немаат никаква вредност, затоа што на Интернет се наоѓа се’.
Нетпрес: Различно е пуштањето музика на грамофон и на денешните модерни пултови?
Диџеј Мице: Постои верување дека звукот од плоча е помек и попријатен за ушите, но јас не стојам на тоа мислење, затоа што, еве и денеска да пуштите плоча, таа е дигитализирана, така да малку се чувствува тој мек звук. За да добиете совршенство во звукот, треба да имате една квалитетна игла која чини најмалку 300 евра и грамофон кој чини најмалку 1.000 евра, скап засилувач, значи тоа е скапо задоволство, додека дигиталната технологија според мене е нешто совршено. Јас имам дома два студиски магнетофони кои гарантираа квалитетна продукција, а еден магнетофон има 1.000 метри лента, а ако ни треба 12-тата песна на лентата, треба да свртиме 900 метри лента за да ја најдеме песната, а сега тоа го правиме со еден допир.
Нетпрес: Поголемиот дел од својата кариера го поминавте како диџеј во „Мусандра“, раскажете ни нешто за тоа?
Диџеј Мице: „Мусандра“ е мојата голема љубов. Отворена е на 22-ри февруари ’74-та година, а таму јас почнав да пуштам професионално музика. „Мусандра“ беше под дирекцијата на Трговскиот центар. Сега е „Миднајт“, порано беше „Процес“, јас не знам што им треба да го менуваат името, прво зошто како име е многу убаво, „Мусандра“ значи нешто вдлабнато во ѕид, а таа беше вдлабната под земја , а второ беше познато место за излегување. Таму работев 13 години и таму се пензионирав. Правевме и најдобри новогодишни забави, во „Мусандра“ беше најскапа картата за Нова Година. И не само тоа, „Мусандра“ беше најексклузивно место, таква дискотека немаше во цела Југославија.
Нетпрес: Каков Ви беше животот како најпознатиот скопски диџеј, сигурно сте имале репутација, а и девојките ве обожувале?
Диџеј Мице: Бев популарен меѓу младите, каде одев јас, тие по мене доаѓаа. Правев игранки во училишта, во приватни клубчиња, а дури сум пуштал музика и на свадба. На моите најдобри пријатели јас им пуштав музика на свадбите, тоа беа урнебесни забави, и народна и забавна музика.
Нетпрес: Дали сте запознаени со сегашниот ноќен живот, со забавите и понудата на ноќните клубови, дали можете да направите една компарација од тогаш и сега?
Диџеј Мице: Огромна разлика постои меѓу народот што во мое време посетуваше дискотеки и денеска. Порано во дискотека се одеше да се игра, да се забавува, се правеа масовни игранки, мислиш цела сала танцува исто. Ги имитираа и Џон Траволта и Оливија Њутн-Џонс, дома вежбаа за во диско да покажат колку добро танцуваат. Тоа мене ми причинуваше големо задоволство, да ги гледам тие насмеани и радосни лица, ќе се изнаиграат и ќе ја потрошат сета енергија и лошиот набој кој го имаат и дома ќе си отидат среќни. Сега е поинаку, сум влегол во дискотека, и младите само стојат, се гледаат и со телефоните во рака нешто пишуваат, никој не игра, една музика се пушта.
Нетпрес: Денес секој втор е диџеј, што е потребно за да се биде добар диџеј?
Диџеј Мице: Денес е полесно зошто има каде да се настапува, порано немаше и затоа и немаше потреба од диџеи. Сите кои се занимаваат со таа работа се занимаваат чисто колку за да бидат фраери, да бидат видени или познати фаци и тоа им трае две-три години, колку да им пројде меракот. Работата на денешните диџеи и мојата работа нема никаква врска, професијата е таа по име, но начинот на работа е друг. Денеска тие произведуваат музика, миксаат, прават траки, но тогаш од нас се бараше добро да ја познаваме музика, да направиме добра атмосфера, на публиката да и биде интересно, да го слушнат својот омилен сентиш. Денеска речиси и не се пуштаат сентиши, пред мојата кабина чекаа момци, ме прашуваа кога ќе пуштам сентиш, за да им се додворуваат на девојчињата.
Нетпрес: Која е Вашата омилена песна?
Диџеј Мице: Па, имам едно сто илјади 🙂
Нетпрес: Кој беше Вашиот ритуал на работа, со која песна почнуваше забавата?
Диџеј Мице: Кога доаѓаа гостите, додека да си купат пијачка на шанк пуштав тивка музика и одеднаш пуштав песна која сите ја знаат, го појачував звукот и забавата почнуваше. Најчесто забавата ја почнував со I shot the sheriff од Ерик Клептон. Имаше и други, но најчесто оваа, како прва, за да почне лудувањето. На секои 45 минути, пуштав по 15 минути сентиш и така до крај.
Нетпрес: Песна која најмногу ја пуштавте?
Диџеј Мице: Има една француска песна,кој трае 7.12 минути, која што воопшто не е диско песна, не е песна на која се шизи, тоа е една медитеранска шансона, Gigi l’amoroso која ја пее Далида на француски јазик. Таа песна од Франција ја донесе една поранешна новинарка, таа песната ја слушнала во Париз во еден џубокс. Првата вечер ја однела во кафеаната во тениско, сега мислам е „Уранија“. Таму се превеа разни забави, и таа ја однела плочата каде била вртена на прилично лош грамофон. Од таму, дојдоа во „Мусандра“, околу еден часот, и ме молеа да ја пуштам песната, но јас песна која не сум ја чул, не ја пуштав. Ама некако ме намолија и ја пуштив, и што се вели, ми се допадна од прв пат и им реков дека не им ја враќам плочата. Па, јас преснимав и оттогаш ја пуштав по четири-пет пати на вечер, дури и публиката сама ја бараше, сите ја пееја во глас, иако на моменти беше досадно, но има рефрен кој страшно пали.
Нетпрес: Кои се безвременски хитови според вас?
Диџеј Мице: Секако дека има безвременски хитови, има композитори кои направиле само една песна, па цел живот живееле од неа. Јас сум генерација на Битлси, па за мене „Yesterday“ е песна на минатиот век, а од македонските, „Чија си“, е без конкуренција.