Премиерот Никола Груевски во рамки на економската посета на Париз се сретна со сенаторот Алаин Ричард кој е специјален претставник на француската Влада за економски односи со земјите од Балканот, пренесува МИА.
На средбата соговорниците ги истакнаа добрите политички односи меѓу двете држави, како и потенцијалот кој постои за динамизирање на економската соработка што треба да се искористи во наредниот период.
Двајцата се согласија дека Македонија и Франција покажуваат интерес за постојан развој и продлабочување на економската соработка.
Премиерот Груевски, како што информираат од владината прес- служба, го запозна својот соговорник со деталите и можностите за инвестирање во Македонија, како и со напорите и прогресот за создавање на добра бизнис клима, при што потенцираше дека соработката може да се одвива на повеќе нивоа и во повеќе области од заеднички интерес.
– Освен тоа што француските инвеститори се добредојдени, постојат и потенцијали за извоз на домашни производи на францускиот пазар, а тоа е добра можност и основа за продлабочување на економската соработка, истакна Груевски.
Соговорниците се согласија дека во наредниот период треба да се охрабрат двете држави и приватните субјекти за зголемена економска и трговска соработка.