Според податоците Србија во 2050 година ќе има 1, 5 милион жители помалку. Ако во земјата во моментов има 8.851.000 жители, во 2050-тата овој број ќе се намали на 7.331.000 граѓани.
Србија се наоѓа на листата земји со катастрофална демографска проекција, а бројот на жители во 2050-тата година ќе биде помал за 17, 2 отсто. Ова го покажува проекцијата на ОН.
Меѓу 10-те земји во коишто бројот на жители драстично ќе се намали, освен Србија се наоѓаат и Босна и Херцеговина, Хрватска, Бугарија, Унгарија, Романија, Украина, Јапонија, Летонија и Литванија.
Падот на бројот на жители, логично го следат и голем број други негативни трендови, а населението во Србија се повеќе ќе старее. Денес популацијата на возраст од 15 до 59 години е 59, 3 од вкупниот број на жители.
Во 2050-тата година тој број ќе падне на 53, 1 отсто, а до 2100 година на 48, 9 отсто, пишува српски „Курир“, повикувајќи се на Б92.
Повозрасни од од 60 години денес во Србија има 24, 4 отсто, а од 2050 година ќе има 32,3 отсто, за до 2100 година таа бројка да се искачи на 36, 6 отсто. Бројот на помлади од 15 години ќе паѓа, а бројот на постари од 80 години ќе се зголеми.
И Македонија се бори со „белата чума“
Со проблемот на „белата чума“ во изминатите неколку години се бори и Македонија.
За да може да се врши проста репродукција на македонската популација како и на секоја друга и е потребна стапка од тотален фертилитет од 2,1, или повеќе од две деца кои треба да ги роди жената во својот фертилен период од 15. до 49. година.
Според податоците на Државниот завод за статистика фертилитетот во Македонија за 2014 година изнесувал 1.6 живородени деца на една жена. Што значи има уште многу работа.
Се зголемува бројот на третородени деца на истокот
Се зголемува бројот на третородени деца на истокот, благодарение на мерките кои Владата во изминативе години ги спроведува за зголемување на наталитетот.
Според последните податоци, на истокот се зголемува бројот на семејства кои се одлучиле на трето дете. Пример е Македонска Каменица кај која во период од 6 години процентот на третородени деца се зголемил дури за 400 %. Ако во 2008 година во оваа општина имало четири семејства со три деца во 2014 се родиле 16 деца како третородени.
Така во општината Штип во 2008 година имало 29 третородени деца, за да нивниот број во 2014 година изнесува 67, што претставува раст од 131 процент.