Под покровителство на австрискиот канцелар Вернер Фајман, во Виена денеска ќе се одржи Самит за Западен Балкан, на кој ќе учествуваат и македонскиот премиер Никола Груевски, заменик претседателот на Владата Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за економија Беким Незири.
Самитот се одржува во континуитет на „Берлинскиот процес“, инициран со Берлинската конференција за Западен Балкан, која се одржа под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел во август 2014 година.
На Виенската конференција, како што соопшти македонското МНР, покрај премиерите на земјите од Западен Балкан, ќе учествуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Матео Ренци, потпретседателот на Европската комисија Федерика Могерини, претседателот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, претседателот на Европската банка за инвестиции Вернер Хојер, потпретседателот на Светската банка Лора Тук, како и официјални претставници на Словенија, Хрватска и на Франција, која е следен домаќин на оваа конференција.
Собирот ќе биде организиран во три паралелни сегменти на ниво на премиери, министри за надворешни работи и министри задолжени за економска соработка.
Сесијата на претседателите на влади ќе биде фокусирана на економската ситуација и реформските процеси во регионот на Западен Балкан, млади и образование, и енергетска и транспортна поврзаност.
По завршувањето на работната сесија премиерите на земјите на Западен Балкан ќе потпишат и Заедничка декларација за формирање на Канцеларија за регионална соработка на младите од Западен Балкан.
Сесијата на министрите за надворешни работи, под покровителство на сојузниот австриски министер за Европа, интеграции и надворешни работи Себастиан Курц, ќе биде тематски фокусирана на регионална соработка, отворени прашања и млади, мобилност во регионот на Западен Балкан, решавање на проблемот со бегалците и религиски дијалог и борба против екстремизмот. Министерот за надворешни работи Никола Попоски ќе се обрати во рамки на втората тема.
Економскиот сегмент на Конференцијата ќе се состои од два дела бизнис форум во организација на Сојузната стопанска комора на Австрија и сесија на министрите надлежни за економски прашања под покровителство на Сојузниот вицеканцелар и министер за наука, истражување и економија на Република Австрија, Рајнхолд Митерленер. На сесијата ќе се дискутира за две главни теми: економски просперитет и поврзаност и двојно стручно усовршување, во рамките на кои ќе бидат разгледани можностите за подобрување на економските политики, структурните реформи, подобрување на човечкиот и физичкиот капитал, индустриските капацитети, бизнис опкружувањето и трговска интеграција со цел поттикнување на конкурентноста и обезбедување на долгорочен економски раст.
Домаќинот на конфренцијата во Виена, австрискиот канцелар Вернер Фајман најави дека високо на агендата ќе биде и проблемот со мигрантите.
Земјите од Западен Балкан да не се блокираат на патот кон ЕУ
Се очекува да биде усвоена и заедничка изјава на Самитот во која ќе биде нагласено дека земјите од Западен Балкан не треба да бидат блокирани на патот кон ЕУ. Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово во изјавата ќе бидат повикани да ги решат сите отворени билатерални прашања, како и да поднесуваат годишни извештаи за напредокот на тој план.
Ќе стане збор и за регионалните проекти, кои земјите од регионот ќе ги презентираат на собирот во Виена. Постигнат е договор за шест транспортни и четити енергетски проекти кои ЕУ треба да ги поддржи со средства од ИПА фондовите во износ од 200 милиони евра.
По завршувањето на Самитот, ќе биде одржана и свечена церемонија со која ќе биде одбележана 10-годишнината од потпишувањето на Договорот за енергетска заедница.
Прочитајте повеќе:
Два атрактивни гола на Груевски на фудбалскиот натпревар ЕУ-Западен Балкан