Топла септемвриска вечер во атинскиот кварт Панорму. Погледите на случајните минувачи и на пензионерите по клупите, запираат на штандовите што политичките партии ги имаат поставено во овој парк.
На штандот на Леики Енотита ( Национално единство), новата партија формирана од незадоволните членови на СИРИЗА, во знак на поддршка, говори држат членови на шпанската партија Подемос.
Хесус Ромеро, заменик претседател на Подемос од андалузискиот Парламент, во разговор со дописникот на Нетпрес од Атина открива зошто повеќе не ја дава својата поддршка за СИРИЗА и Ципрас.
Сега, откако Ципрас го прифaти новиот Меморандум, се е поинаку. Многу луѓе од Подемос излегоа на улиците на различни градови низ цела Шпанија за да го прослават референдумското НЕ. А духот на референдумското НЕ, во моментов го има оваа партија Национално единство, вели Ромеро.
Идентични се и причините поради кои што членовите на Национално eдинство се отцепија од СИРИЗА. Меѓу нив е и Насос Теодоридис, кој што за Нетпрес вели дека грешката на Ципрас е прифаќањето на третиот Меморандум, после референдумското НЕ.
Ние сметаме дека со овој договор, Ципрас ги предаде ветувањата што ги даде на грчкиот народ и грчката младина за време на референдумот. На референдумот имаше голема победа на НЕ и 62 проценти од народот гласаше против мерките за штедење и меморанудмот. Ципрас не ја зеде предвид оваа одлука на народот, го смени ставот и потпиша договор што претставува многу тежок Меморандум со многу строги мерки за штедење, вели Теодоридис.
НЕТПРЕС: Што според вас требаше да стори Ципрас?
Сметаме дека Ципрас требаше да го елаборира планот Б, со паралелена валута и придвижување кон национална валута, чекор по чекор, одговара тој.
Теодоридис прогнозира победа на СИРИЗА и коалиција со Потами и ПАСОК.