Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 нови стипендии

Четириесет нови стипендии и годинава доделува Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Стипендијата што изнесува 6.500 денари и се доделува 12 месеци ќе ја добијат 20 студенти на Фармацевтскиот факултет и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје.

Фондацијата и годинава продолжува со она што веќе непрекинато го прави од 2007/2008 година. Доделуваме 40 стипендии на најдобрите студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, рече денеска на прес-конференција претседателот на Фондацијата и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

Како што посочи тој, заклучно со овие 40 стипендии, досега Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендираше 344 студенти по фармација и по медицина, од кои 124 студенти по фармација и 92 студенти по медицина веќе дипломирале.

Од 2009 година до денес, 34 од завршените стипендисти продолжија да работат во Алкалоид, додаде Мукаетов.

Стипендиите се мошне важен таргет за сите студенти

Продеканот на Фармацевтскиот факултет Зоран Стерјев рече дека стипендиите претставуваат многу важен таргет за сите нивни студенти во текот на нивното студирање и не се значајни само за оние 20 студенти годишно кои ги добиваат, туку значајни се и за останатите кои препознале во овие стипендии дека до нив можат да стигнат исклучиво со квалитет во нивното студирање, со знаење, со добри оцени и максимално се трудат за тоа.

Евидентно е зголемувањето на квалитетот во студиите и знаењето кое го пружаат студентите и на што сме особено горди, рече Стерјев и се заблагодари за хуманата и добра активност преземена од Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Оваа година, потенцира, од Фармацевтскиот факултет 26 студенти се кандидираа за добивање стипендија од кои само еден не ги задоволуваше условите, а 25 кандидати се рангирани согласно критериумите кои и претходните години беа земени предвид. Нагласи дека врз основа на бодовите од остварен успех во текот на студиите, бодовите од материјална состојба и активностите за кои студентите поседуваат соодветни дипломи, изработена била ранг листата.

trajce-muaketov-stipendii-2

Од 20 кандидати од тие што ги предлагаме да ја добијат стипендијата, 15 се запишани редовно во петтиот семестар на Фармацевтскиот факултет, а пет студенти се во четврта година односно на редовен седми семестар на Факултетот, додаде Стерјев.

Деканот на Медицинскиот факултет-Скопје, Никола Јанкуловски рече дека вложувањето во поквалитетни кадри во нашето здравство претставува многу важен столб во здравствениот систем со цел поголем благодет и добробит на граѓаните на Република Македонија.

Посочи дека на Медицинскиот факултет во предвидениот рок на конкурсот се пријавиле 31 кандидат од кои 30 ги исполниле условите, 10 се од трета година студии, а 20 од четврта година.

Беа избрани седум студенти од трета година и 13 од четврта година. Со тоа фактички се продолжува долгогодишната традиција на стимулирање на младите талентирани студенти за побрз, подобар и поквалитетен нивен развој со цел да се создаде поголема база на едуцирани кадри на здравствени работници кои ќе придонесат во здравствениот систем, рече Јанкуловски и додаде дека соработката меѓу Медицинскиот факултет и Алкалоид АД ќе продолжи и во иднина.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува и еднократна награда за најдобрите студенти

Претседателот на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов истакна дека од 2009/2010 година Фондацијата доделува еднократна награда за најдобрите студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет, т.е. за првенците на генерација и таа традиција продолжува.

Оваа година еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност ќе добијат Надица Сибиновска од Фармацевтскиот факултет со просек 9,90 и Харис Бабачиќ од Медицинскиот факултет со просек 10,00. Овогодишните првенци на генерација се и досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, што е уште еден доказ дека комисиите кои работеле при изборот на стипендистите го донеле вистинскиот избор, додаде Живко Мукаетов.