Лозарите и винариите се подготвени за денешниот голем празник Св. Трифун во кого веруваат дека ќе го заштити лозјето од суши и мраз и ќе донесе голем род.Винариите, лозарите, семејствата каде што постои традиција на закројување на лозјето го прават адетот, но и прославуваат преку богата гозба, вино и музика.
Овој голем православен празник е надеж за лозарите дека родот ќе биде добар и ќе произлезе добро вино.Освен традиционалното закројување на лозјето, голем број винарии имаат организирани прослави во нивните ресторани, а очекуваат и голем број на домашни и странски туристи. По литургијата со која чиноначалствуваат свештени лица и по закројувањето, вообичаено приустните наздравуваат со чашка вино, вкусувајќи ги локалните специјалитети.
Денешниот ден дава надеж за добра берба. Закројувањето е еден вид на креација кој претставува обред, но во тоа има и содржина.Се офромува идниот род и според процентот на здрави окца на лозјето, лозарите ќе знаат што да очекуваат.
Св.Трифун исто така означува дека опасноста од измрзнување поминала, иако подоцна во месец април има можност од слана. Но, постојат механизми како родот да се заштити.
Винаријата Стоби како и секоја година така и оваа ќе има организирано свечено закројување на лозовите насади во Градско во месноста позната како Бадемите. Лани за првпат имаше закројување на лозјето кое е посадено во кругот на самата винарија.Лозјето во кругот на винаријата е своевиден уникат во Македонија, бидејќи претставува збирка односно ампелографска колекција на повеќе од 50 различни сорти винова лоза на едно место.
Во Сковин како и секоја година, и оваа година планираат традиционално да го прослават празникот. Денот ќе им започне со свечено закројување на лозјата во Добри Дол, каде се наоѓаат плантажите.Потоа прославата ќе продолжи во ресторанот во винарската визба Сковин, каде заедно со нивните соработници, клиенти, дистрибутери, увозници и потрошувачи ќе прослават во одлична атмосфера, со богат асортиман на храна и вино.
Најголемата винарија во земјата Тиквеш како и секоја година така и оваа ќе го обележи празникот со тоа што на закројувањето на лозовите насади во локалитетот Лепово, ќе присуствува и министерот за земјоделство Љупчо Димовски заедно со неговиот хрватски колега Тихомир Јаковина.
По повод Денот на лозарите, двајцата министри ќе присуствуваат на традиционално закројување на лозје на лозови насади и на винарија „Визба Валандово“ – Валандово.
Денеска во Демир Капија планирана е целодневна програма на полоштадот. Со фолклорни игри и танци ќе се претстават неколку културно-уметнички друштва од повеќе градови, а присутните ќе уживаат во македонската песна преку настапите на групата „Нели ти реков” и на Блага Петревска.
Вкусни традиционални јадења, мед, вино, ракија, сирење, слатко, домашни специјалитети, занаетчиски производи и други традиционални производи карактеристични за тиквешкиот регион ќе можат да се дегустираат или купат во близина на плоштадот во рамките на базарот.
Дел од програмата е и свеченото закројување на винова лоза на бината од страна на почесниот гостин, градоначалникот и свештеното лице, како и доделување на наградите за најдобрите во претходно организираните натпревари во повеќе категории. Посетителите освен прославата на плоштадот ќе може да ги посетат и изложбите: Карикатури за вино и љубов во галеријата во „Дом на култура“ и „Стари фотографии“ во Музејот.’
Со цел привлекување на поголем број туристи, програмата е дистрибуирана до неколку туристички агенции, па се очекува масовна посетеност на оваа традиционална атракција.
„Организираме натпревари во кроење лоза, најдобри домашно производени вина и ракии и подготовка на најдобрите традиционални специјалитети, со што се прават напори во зачувување на традицијата од овие простори, која е особено важна за развој на туризмот, а тоа е наша примарна цел,“ изјави Виолета Јанкова, директорка на Туристичкиот едукативен тренинг центар.