Министерството за внатрешни работи во текот на изминативе 24 часа издало 1.661 потврди на мигранти за остварување на право за барање на азил.
Од нив 736 се мажи, 308 се жени, 503 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и на 114 деца кои патуваат без родител.
Најбројни мигрантите од Сирија
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-842, на Авганистан–582 и на Ирак-237.
Од 19.06.2015 до вчера издадени се потврди на вкупно 281.575 странски државјани, од кои, 163.571 се од машки пол, 43.697 се од женски, 59.220 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 15.087 деца кои патуваат без родител.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-169.838, потоа Авганистан-65.388, Ирак-24.916, Иран-6.231, Пакистан-5.416, Палестина-2.158, Сомалија-1.276, Бангладеш-1.253, Мароко-1.311, Конго-514, Либан-434, Алжир-453, Нигерија-277, додека останатите се во помал број.
Во периодот од 00,00 до 24,00 часот на 25.11.2015 до Секторот за азил не се поднесени барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 25.11.2015 година до Секторот за азил се поднесени 80 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 53 барања се од државјани на Сирија, од нив 17 за деца, потоа 13 барања од државјани на Авганистан со нив се и 14 деца кои го придружуваат родителот, три барања од државјани од Пакистан , по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 25.11.2015 година евидентирани се вкупно шеснаесет баратели на азил од кои пет се мажи, две се жени, осум се малолетни лица со придружба на старател и еден е малолетник без придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, десет баратели на азил (две малолетни лица со придружба на старател, шест малолетни лица без придружба на старател и двајца мажи) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика.