Сестрата на шпанскиот крал Филипе, принцезата Кристина (50) ќе се појави денеска во судницата во Палма де Мајорка, на почетокот од судењето во кое е обвинета за соучество во даночна измама.
Нејзиното судење во шпанската јавност се означува како „историски настан“ затоа што прв пат во историјата на Шпанија, еден припадник на кралското семејство е обвинет и изведен на судење, пишува МИА.
Принцезата Кристина, која е ќерка на поранешниот шпански крал Хуан Карлос, е една од групата обвинети заедно со нејзиниот сопруг Инаки Урдангарин и уште 16 други лица, меѓу кои има и поранешни високи функционери на регионалната влада во Мајорка.
Шпанското обвинителство ја товари компанијата на Урдангарин, за која се веруваше дека е непрофитна, дека служела како орудие за правење фиктивни договори со институции на регионалната влада, пред парите да се пренасочат на приватни сметки во локации што се означуваат како „рајски места“ за неплаќање данок.
Обвинителството тврди дека од сметките на јавните фондови, на „Институт нос спорт“ на Урдангарин биле префрлени околу 5,6 милиони евра.
Станува збор за нелегални и нечесни трансакции што се правеле во текот на 2007 и 2008 година.
Принцезата Кристина била член на Управниот одбор на фондацијата на нејзиниот сопруг. Таа е и косопственик на компанијата за недвижен имот „Ајзон“, за која обвинителството вели дека била користена за перење на паричните фондови.
Скандалот беше откриен во 2010 година, но Кристина и нејзиниот сопруг тврдат дека не сториле ништо незаконско и ги отфрлаат обвинувањата.
Доколку бидат прогласени за виновни, Кристина може да биде осудена на казна затвор до осум, а сопругот до 15 години. Хуан Карлос абдицираше во 2014 година.
Новиот крал Филипе, од почетокот настојува да го дистанцира кралското семејство од судскиот процес и од скандалот со корупција, па затоа и ја одзеде на сестрата титулата војвотка од Палма. Војводската титула му е одземена и на нејзиниот сопруг.
Кристина, сепак, и понатаму останува шеста во редот на претендентите за шпанскиот престол.
Нејзиниот сопруг Урдангарин (47) е поранешна спортска ѕвезда на Шпанија. Овој Баскиец беше ракометен репрезентативец и трикратен учесник на Олимиписките Игри.