Иванов ќе учествува на Минхенската безбедносна конференција

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе учествува на 52. Минхенска безбедносна конференција, придружуван од министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.

Иванов ќе има свое обраќање на панел – дискусијата насловена „Кон натамошна евроатлантска интеграција на Југоисточна Европа“, на која ќе учествуваат и претседателите на Хрватска и Словенија, Колинда Грабар Ќитаровиќ и Борут Пахор и премиерите на Црна Гора и Косово, Мило Ѓукановиќ и Иса Мустафа. 

-За време на своето четврто учество на Минхенската безбедносна конференција предвидено е македонскиот претседател да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот. Во фокусот на годинешната конференција ќе бидат војната во Сирија и состојбите на Блискиот Исток, бегалската и мигрантската криза, безбедносната состојба во Европа и евроатлантските интеграции, информираат од кабинетот на претседателот.

На 52. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на околу 30 шефови на држави и на влади, околу 70 министри за надворешни работи и за одбрана, како и голем број на извршни директори на глобални компании и парламентарни делегации.

Меѓу учесниците се германскиот министер за надворешни работи, Франк – Валтер Штајнмаер, како претставник на земјата – домаќин, јорданскиот крал Абдула II, претседателите на Полска и на Украина, Анджеј Дуда и  Петро Порошенко, премиерите на Франција и на Русија, Мануел Валс и Дмитри Медведев, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер и др. 

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, претставува најугледен и најреномиран форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината со особен фокус на трансатлантското партнерство. Република Македонија, претставена на највисоко ниво, редовно учествува на конференцијата.