Отворена новата рурална детска градинка во Пештани. Ова е четвртата рурална детска градинка која што се отвара во Охрид и охридско во изминатите две години. На отворањето присуствуваа заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов како и градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.
Заедно со Владата на Реопублика Македонија изминатите години и во општина Охрид и во голем број на општини низ Република Македонија направен е голем исчекор во насока на зголемување на бројот на детски градинки. Изминатите неколку години вкупно се отворени 44 детски градинки, што е голема бројка и големо зголемување на капацитетите за згрижување деца од предучилишна возраст. Секако потреба постои уште и понатаму заедно во соработка со општините продолжуваме со реализација на конкретни активности и конкретен акциски плани и по изборите, со цел и понатаму да продолжиме да ги обезбедиме условите за згрижување деца од предучилишна возраст и да ги надградуваме истите, рече Спасов.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески посочи дека градинката во Пештани која работи во рамките на ОУ Св. Наум Охридски ќе обезбеди за децата адекватни услови за раст, развој и воспитување.
Продолжуваме со нашата стратегија која што уште пред две години ја зацртавме со Министерството за труд и социјална политика за доближување на условите за згрижување на деца во населените места и во руралните средини со што ваквиот тип на услуги, односно нега и воспитување на децата станаа подостапни за сите оние граѓани кои што живеат надвор од централните градски подрачја, рече Бакрачески.
Досега во охридско се отворени детски градинки во селата Лескоец и Велгошти и во населбата Радојца Новичиќ, а новата градинка во село Пештани е четврт објект од овој тип во овој дел од Република Македонија.