Во близина на поранешната фабрика „Алумина“, на површина од 60.000 квадратни метри, ќе никне нов станбено-деловен комплекс. Објектот за колективно живеење ќе биде на девет ката со седум влеза. Станбениот комплекс ќе го гради фирмата „Настел“, а неговата адреса ќе биде на булевар „8 септември“, пишува Скопје инфо.
Изградбата треба да почне најдоцна за месец и половина, а ќе се одвива во три фази. Постапката за градење на објектот е покриена со ДУП „Тафталиџе 1“, кој содржи маркички за згради. Пред неколку месеци за оваа локација кај „Алумина“ општината Карпош донесе измени на ДУП-от.
На интернет страницата на „Настел“, каде што веќе се нудат станови за продажба, се вели дека во првата фаза ќе се градат четири ламели на приземје, девет ката и потпокрив.
Ќе има 330 стана распоредени во четири влезови секој со по два лифта и паркирање на едно ниво под објектите. Во приземјето ќе има деловни простории со галерии и висина од 6 метри. Поставеноста на зградата, ориентацијата, проветрувањето, отворените визури и поврзаноста со инфраструктурата придонесуваат за атрактивноста на локацијата.
Инаку, околу изградбата реагираа од граѓанското здружение „Заедно за заштита на зеленилото на Карпош“, коментирајќи дека комплексот ќе стане нов „Фиком“, бидејќи „Настел“ на својата веб-страница објавува дека продава станови, а не е сопственик на земјиштето. Од Здружението велат дека за земјиштето се води судски спор по основ на денационализација. Но, од „Настел“ изјавија дека ја поседуваат комплетната документација за откупеното земјиште од физички лица и дека веќе имаат имотен лист. По предавањето на документацијата во Општината Карпош очекуваат да ја добијат градежната дозвола и да почнат со работа на терен, бидејќи проектите се веќе одобрени.