АВРМ: Нема дискриминација, обуките за невработени лица се спроведуваат според потребите на пазарот

АВРМ: Нема дискриминација при обуките за невработени лица - тие се спроведуваат според потребите на пазарот
АВРМ: Нема дискриминација при обуките за невработени лица - тие се спроведуваат според потребите на пазарот

Агенцијата за вработување на Република Македонија ги демантира наводите во денешната реакцијата на Стопанската комора на Северо – Западна Македонија, дека државата има дискриминаторски пристап. Причина за реакцијата е огласот на Агенцијата за вработување преку кој нуди обука на невработени лица. Од комората посочија дека пристапот на агенцијата за вработување е селективен и во деловите на Македонија каде мнозинство се Албанци обуките за невработените се само за шминкери и фризери.

Ви го пренесуваме демантот во целост: 

Согласно годишните Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, Агенцијата за вработување на Република Македонија ја спроведува мерката Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот, помеѓу другите активни програми и мерки за вработување.

Оваа мерка се спроведува врз основа на анкетното истражување Aнализа од потреби од вештини на пазарот на труд, која дава податоци за побарувањата во нередниот период од 6 до 12 месеци. Со анкетата се опфатени околу 3000 работодавачи на целата територија на Република Македонија. Согласно добиените резултати од истражувањето кое се спроведе во периодот ноември /декември 2015 година, утврдени се и занимањата кои се побарувани на пазарот на трудот по региони.

Центарот за образование на возрасните е институција која е надлежна за верификација на посебни програми за образование на возрасните за различни занимања, а потоа спроведувачите на обука се верификуваат од страна на Министерството за образование и наука.

За спроведување на одредени обуки за занимања потребно е кумулативно да бидат исполнети 2 услова: да постои потреба од такви занимања во одреден регион (утврдена преку Анализата за потреба од вештини), но да постојат и верификувани спроведувачи за конкретната обука во дадениот регион. Доколку не се исполнети истовремено овие 2 услова не постои можност за реализација на обуките за занимања.

Согласно Анализата од потреба од вештини за оние занимања и градови каде има верификувани Спроведувачи на обуки од страна на Центарот за образование на возрасните Агенцијата за вработување на Република Македонија објави Јавен оглас до евидентирани невработени лица – активни баратели на работа на 20.02.2016 година, а Центарот за образование на возрасните на 24.02.2016 година објави Јавен оглас до верификуваните спроведувачи на обуки (приватни компании, стопански и занаетчиски комори, средни стручни учулишта и други верификувани спроведувачи на обуки).

Инаку, оваа активна мерка за вработување се реализира од 2010 година, при што заклучно со 2015 година во неа земале учество 1190 невработени лица, а вработени се 40% од лицата кои успешно ја завршиле обуката. За 2016 година планиран е опфат на 643 невработени лица, од кои за 243 лица е објавен оглас и обуките ќе бидат финансирани од буџетот на Агенцијата за вработување на Република Македонија во износ од околу 13 милиони денари, а за останатите планирани лица обуките ќе се реализираат преку ИПА проект.

Овие обуки се реализираат во период од 3 месеци, а по завршување на обуката, кандидатите изведуваат практична работа во реални услови кај работодавачи во времетраење од 1 месец, доколку како спроведувач на обуката се средни училишта, стопански комори или занаетчиски комори.

По завршената обука и положен испит, невработеното лице се стекнува со документ  / сертификат за оспособеност за занимањето.

На лицата кои се вклучени во обуката им се обезбедува месечен надомест во вкупен износ од 6,200,00 денари за покривање на трошоците за храна и превоз со вклучен персонален данок на доход  и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.