Санкции за гевгелиски доктори: Се фотографирале за време на интервенција

Во медиумите денес се појави фотографија од лекари во Гевгелија кои се фотографирале за време на интервенција.

Директорот на таа јавна здравствена установа, Сретко Јованов денеска соопшти дека веднаш по добивањето на информацијата се преземени соодветни законски мерки за санкционирање на здравствените работници инволвирани во случајот.

Согласно Законот за здравствена заштита (член 186,став 1, точка 1), истакнува Јованов, станува збор за дисциплински престап за кој се поведува соодветна дисциплинска постапка.

Тој посочува дека за целиот случај ќе биде изготвен и соодветен извештај, кој уште денеска ќе биде доставен до Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување, Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), каде е вработена една од докторките од случајот.

Воедно, Општа болница Гевгелија се оградува од индивидуалните постапки на поединци кои го нарушуваат угледот на установата, додава Јованов во соопштението.