Земјите од Европската унија ги договориле новите прописи за спас на пропаднатите банки, според кои даночните обврзници нема да бидат должни да им помагаат на финансиските институции кои што се соочуваат со потешкотии.
„Направивме голем чекор. Даночните обврзници повеќе не се на првата линија за плаќање на грешките на банките“, напиша на својот „Твитер“, европскиот комесар за пазарна политика и услуги, Мишел Барни.
„Банките ќе мора да остават пари на страна за тешки денови. Да извлечеме лекции од кризата. Целта е европските банки да ги направиме посилни за да бидат во состојба да го помогнат реалниот сектор. Ова е клучен чекор кон основање на банкарска унија“, рекол Барни, по договорот со претставниците на Европскиот парламент, Советот на ЕУ и претставници на 28-те земји членки.
Новиот систем ќе стапи на сила од 2016-та година, а според усвоената процедура спасувањето на банките, акционерите и сопствениците на обврзници први ќе ги претрпат загубите од финансиските потешкотии на банките.
Малите штедачи во целост ќе бидат изземени од преземање на било какви трошоци, додека штедачите, кои на сметките имаат повеќе од 100.000 евра, ќе учествуваат во спасување на банките.