Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов нема да учествува на Самитот на НАТО во Варшава, поради игнорирање на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти и безбедносните предизвици во регионот, велат за МИА од неговиот кабинет.
Се додека не се земат предвид овие факти, посочуваат од кабинетот, претседателот Иванов нема да учествува на самити на НАТО, а Република Македонија ќе биде претставувана на ниво на министри за одбрана и за надворешни работи, пракса воспоставена од самитот во Кардиф во 2014 година.
Претседателот Иванов уште пред самитот на НАТО во Кардиф во 2014 година донесе одлука да не учествува на самити на Алијансата на кои нема да бидат испочитувани заложбите на Република Македонија и на кои ќе продолжи игнорирањето на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти, безбедносните предизвици во регионот. Конзистентен став на претседателот Иванов е дека фрустрациите од предолгото чекање се одразуваат на севкупниот живот во Република Македонија, особено во политичкиот и меѓуетничкиот, појаснуваат од кабинетот на македонскиот претседател.
Претседателот Иванов, потсетуваат, беше на самитите во Лисабон во 2010 година и во Чикаго во 2012 година.
Имавме надеж дека ќе се испочитува очекувањето на Меѓународниот суд на правдата, Грција да не го продолжи однесувањето кое е утврдено како нелегално, дека ќе биде испочитувана пресудата и Времената спогодба. Но, кога е јасно дека нема индикации за тоа, претседателот Иванов нема да присуствува на самитот на НАТО во Варшава. Од овие причини, од самитот во Кардиф, Република Македонија е претставувана на ниво на министер за одбрана и министер за надворешни работи, подвлекуваат од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.