
Најпознатата свадба во Македонија е галичката, која годинава по 43. пат ќе се одржи на 16 и на 17 јули, а за носијата на галичанките се вели дека е една од најуникатните и најпознати во светски рамки.
Вистински рај за очите е невестинската носија за галичката свадба. Впечатливи бои, срма, кадифе, преубав накит ја красат галичката невеста, која гордо го носи елекот извезен со срма и украсен со сребрени копчиња.
За разлика од порано, кога на Петровден се склопувале и повеќе од 40 брака, денес свадбата има повеќе културно значење и е еден вид културна манифестација.
Галичник денес живее од мај до октмври и во него престојуваат најмногу пензионери со своите внуци. Но, за Галичката свадба секогаш е преполно и се бара место повеќе.
Сандра Станковиќ и Александар Ристески се годинашните младенци на 43. издание на Галичка свадба, која ќе се одржи на 16 и на 17 јули. Свадбата вообичаено е на Петровден, на 12 јули, но оваа година се поместува за викендот по Петровден.
Обичаите почнуваат в сабота попладне, кога со тапани и со зурли се пречекуваат гостите. Се пеат галички свадбарски песни, се играат „Свекрвино оро“ и „Тешкото“ на чешмата „Упија“. Се кити младоженецот, се реди бајракот, невестата оди по вода. Со вода од два ѓума дома си ја мие косата и овој обичај се вика последно мајкино миење. Следниот ден, рано наутро се канат мртвите, потоа и кумот. Се бричи зетот на сретсело и потоа се тргнува по невестата. Таа го чека во куќата и преку прстенот го гледа и вели „Низ прстен те гледа, в срце да ти влеза“. Следува дарувањето на невестата, качувањето на коњ и товарењето на ковчезите со нејзината руба. Свекрвата ја пречекува со сито, погача и со бокал вино и таа влегува во новиот дом.
И годинава, Пивара Скопје и нејзините брендoви се нераскинлив дел од „Галичка свадба“. За да може оваа уникатна традиција да продолжи, Пивара Скопје ја обезбеди неопходната поддршка и со тоа го потврди своето партнерство како гаранција за успешно одржување на оваа значајна културна манифестација и на нејзината единственост и неповторливост.