Поранешниот новинар кој во моментот е ангажиран во одделот за комуникации со јавноста при Специјалното јавно обвинтелство, Панта Џабазовски, во време на неговата новинарска кариера своевремено бил и соработник на тајната полиција, покажуваат документите до кои дојде НетПрес.
Од нив јасно може да се заклучи дека Џамбазовски бил ангажиран од Службата за државна безбедност (СДБ) да пренесува информации од негови професионални разговори со личности од политичкиот живот во Македонија, односно да биде доушник на тајната полиција.
Тоа се случувало во моментот кога Џамбазовски работел како новинар, започнувајќи ја својата кариера во списанието „Млад Борец“, каде прво бил уредник од областа на музиката, а потоа преминал во политичката рубрика. Потоа Џамбазовски станува уредник во дневниот весник „Нова Македонија“, каде две години известувал и како дописник од Тирана, Албанија. Џамбазовски кариерата ја продолжува во националната телевизија „Телма“, за на крај да биде ангажиран, како, што тврдат од Специјалното јавно обвинителство, како експерт во оваа институција, во одделот за комуникации со јавноста.
Службената белешка на РУСДБ со број 09-50 од 24-ти јануари 1994 година, во која како извор е наведен Панта Џамбазовски, содржи податоци од разговор којшто изворот го остварил со Мухамед Халили, а на кој тема на разговор бил Мендух Тачи и тогашниот раскол во првата политичка партија на Албанците во Македонија ПДП (Партија за демократски просперитет).
Целта на состанокот, остварен во, како што е наведено во белешката, службени простории на изворот, била добивање сознанија од интерес на СДБ, од позиции на АЕН, а во контекст на индикативните наоди на Мухамед Халили во врска со наводните цели и намери на лидерот на огранокот на ПДП за Тетово, Мендух Тачи.
Во разговорот, како што е наведено во белешката, било разговарано и за поврзаноста на Тачи со Демократската партија (ДП) на Албанија и за наводно формираните „групи за ликвидација“. На овој начин, според познавачите, Џамбазовски им овозможувал на тајните служби да бидат во тек со тогашните настани во Партијата за Демократски Просперитет и да можат да го подбуцнуваат расцепот на истата.
Истото што ДБК и го правела на ПДП пуштајќи нивни соработници во партијата со цел да извлечат некои потребни и можеби недозволени информации, како што во случајот се наведува дека наводно Мендух Тачи организирал формирање на таканаречени групи за ликвидација, истото ДБК го правеше и до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, преку аферата „Дувло“, на која де факто и беше подметнато дека партијата создава „црни тројки“ за ликвидација на некои личности, што подоцна се докажа како тотално неточно. Извршниот комитет во тој период тоа целосно го негираше и се огради од некои луѓе, за на крај со обелоденувањето на досието за тоа како бил креиран случајот „Дувло“, се докаже дека целата операција била масло на тајните служби, со цел да се оцрни оваа политичка партија, да се фрли дамка врз неа и да се девалвира пред македонската јавност, вели во изјава за Нет Прес, аналитичарот Никола Србов.
Но, тајната набљудувачка мисија на тогашниот новинар не завршува со овој разговор објавен во документите до кои дојде Нетпрес.
Дека ова не е единствената задача којa Џамбазовски ја добил од СДБ, говори фактот што на крајот од оваа белешка оперативниот извршител посочува дека на изворот (Панта Џамбазовски) му биле дадени задачи за натамошно континуирано следење на состојбите на овој план, и благовремено да ги известува службите за тоа.
Според аналитичарите, ангажирањето на Џамбазовски во СЈО е крајно контрадикторно, бидејќи како што велат, човек кој бил инволвиран во незаконско прислушување, сега работи на иста проблематика и треба да придонесе кон нејзино разрешување.
Со самото тоа што Панта Џамбазовски бил соработник со безбедносните служби на Република Македонија и за што постои досие дека бил нивен доушник условно кажано, а до скоро креирал јавно мислење како новинар, претпоставките се дека јавното мислење кое го креирал требало да оди во служба на безбедносните служби, кои во тој момент биле во рацете на власта во тоа време, во чии раце биле и тајните служби. Со самото тоа што Специјалното јавно обвинителство го зема за нивни соработник, а притоа СЈО токму на тема која произлегува од нелегално прислушувани разговори, се поставува прашањето дали Панта Џамбазовски како бивши соработник и сега во СЈО не продолжува да работи за тајната служба и дали се уште ја води истата линија од минатото. Човек кој веќе бил дел од таа проблематика сега работи во институција која треба да ја реши истата проблематика, а како би се решила таа проблематика кога во институцијата се вработуваат луѓе кои тајно набљудувале и следеле, тоа е апсолутно контрадикторно, смета аналитичарот Никола Србов.
Тој не очекува под вакви околности, во кои вработен во СЈО бил соработник на тајната полиција, од оваа институција да произлезе правда.
Тоа ви е како тој што прислушкувал на пример ги дал разговорите на вас, а вие токму тој што прислушувал го земате кај вас во служба да работи и треба да откриете кој всушност прислушкувал. Тоа е крајна контрадикторност. При тоа знаеме и кој стои позади прислушкувањето, знаеме дека опозицијата ги предаде само разговорите во кои се споменува моменталната владејачка гарнитура, а Панта Џамбазовски работел за тајните служби во времето на СДСМ, која пак денеска го диктира работењето на СЈО, па оттука јас се сомневам дека од таа институција би произлегла некоја правда која ја очекува македонскиот народ и да дознае кој прислушкувал и за кои цели и како тие разговори успеале да дојдат во приватни раце, во случајот во рацете на Зоран Заев. Она што е сомнително во целиов случај е дека Панта Џамбазовски можеби се наоѓа во улогата на линк во целата ситуација, посочува Србов.