Груевски најави и доизградба на фекалната канализација во Добрејци во вредност од околу 600.000 евра, подобрување на инфраструктурата на хидромелиоративниот систем Водоча, од кој, како што истакна, корист ќе имаат Добрејци и Вељуса, реконструкција и опремување на Клубот за стари лица во Добрејци и на Домот на културата.
Груевски нагласи и дека Добрејци ќе биде дел од проектот „Рурални развојни зони“ со кој се предвидуваат значајни субвенции за сите што ќе изградат капацитети во руралните средини и потенцира оти отворањето нови работни места и поддршката на земјоделците и руралниот развој ќе бидат во фокусот на ВМРО-ДПМНЕ и во наредните четири години.
Народот масовно референдумски ќе ја поддржи политиката што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ бидејќи препознал се што Зоран Заев правел со некој од надвор. Народот има две опции да гласа – за себе и за Македонија да остане унитарна или да оди во насока на кантонизација и федерализација, рече Груевски.
Во наредните четири години, како што посочи, се планира отворање на нови 70.000 работни места, а во изминатите 10 години во услови на економска и финансиска криза се отворија нови 160.000 работни места.
Од нив, во последните 2,5 години во услови на наметната политичка криза се отворени нови 39.000 работни места. Планираме да продолжиме со сите наши проекти за подобрување на вработеноста, но и за 10,25 отсто да ги зголемиме пензиите уште во два наврата покрај ова зголемување што го добија со ноемвриската пензија, се планира и 10,25 отсто да се зголеми платата на јавната администрација во наредните четири години, минималната плата до 2020 година да достигне до 14.000 денари, а во текстилната и кожарската индустрија до 13.500 денари, рече Груевски.
Според него, за наредните четири години се предвидуваат субвенции од 600 милиони евра за земјоделците или по 150 милиони евра годишно, мерката за набавка на земјоделска механизација наместо 50:50 да биде 60:40, односно 60 отсто од средствата за набавка да одвои државата, а 40 отсто земјоделецот. СЕ предвидува, како што рече, 80 отсто субвенција да има за воведување на системот „капка по капка“ и бунар, државата да ги поддржи сточарите со 80 отсто за набавка на високоприносен добиток, да се воведат професионални земјоделски советници кои ќе нудат земјоделски и економски совети за подобрување на приносите и за олеснување на продажбата. Најави мерка за грант од 10.000 евра за секој претприемач што ќе отвори земјоделски бизнис, изградба на нови 70 водоводи и канализациски мрежи во руралните средини…