Патоказот на ВМРО-ДПМНЕ е добар механизам за излез од кризата

Добро подготвен документ кој треба да биде прифатен од сите политички субјекти и кој можел да послужи како основа за справување со слични политички предизвици и во иднина. Вака дел од експертите го коментираат предложениот над партиски договор за надминување на моменталната политичка состојба од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата вчера презентираа патоказ во пет точки по кои би се согласиле сите партии без да се меша надворешен фактор.

„Мислам дека тоа е одлучен документ и реално очекувам сите политички партии ќе го прочитаат и ќе сфатат дека и е исклучително потребен на Република Македонија. Би набројал само неколку работи од патоказот кои што се напомнати, а кои и во минатото и во сегашноста, а верувам дека и во иднината би ги имале како проблеми. Број еден е мајскиот договор – дали тој важи или не важи, дали победничката партија во македонскиот и во албанскиот блок по дефиниција ќе прават коалиција или ќе има слободен избори и победничката партија и од кај Албанците и од кај Македонците“, вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.

Досега, како што посочува тој, постоеше традиција победничка коалиција да го предлага претседателот на собранието.

Aleksandar-Pandov
Александар Пандов

„Деновиве гледаме дека и тоа правило не важи, едноставно се оди на избор за претседател на Собрание на човек којшто не потекнува од политичка коалиција. Сосема на крај, но не и помалку важно е што неколкупати во минатото имавме можност, почнувајќи од Заев во Швајцарија дека треба да се оди преку Рамковниот договор, па се до Тиранската платформа која е директна негација на тој рамковен договор. Треба да се седнат политичките партии и чинители да се договорат дали сега на сила е Рамковниот договор или треба да се направи нешто ново. Според мене тоа е доволно добра рамка, рамка за која загинаа над 60 бранители на Република Македонија. Не смее да се гази преку тој договор и верувам дека е потребно политичките партии веднаш да се произнесат по патоказот и да го стават како документ кој е имплементиран во Уставот и кој не може да се менува“, смета Пандов.

Поранешната пратенипчка Солза Грчева, патокзаот го гледа како повик на ВМРО-ДПМНЕ за Пржино 3 и според неа вреди истиот да биде разгледан.

solza-grceva-316x237
Солза Грчева

„Овој патоказ го исчитувам како барање на Пржино 3. Се бараат многу сериозни и надпартиски консензуални договори. Занчи тоа не би можело да биде преку партиски прес конференции и прогласи туку седнување на заедничка маса и договарање околку клучните работи. Што се однесува до содржината на патоказот, според мене една работа е клучна и мислам дека треба да се испочитува, а тоа е четвртата точка каде што се бара да не се чепка во мултиетничкиот карактер на општество. Тоа е зациментирано во нашиот устав и секое поигрување со таквото редифинирање на нашиот Устав би било погубно за Македонија, за Македонците, за Албанците и за сите етникуми кои живат во државата“, смета Грчева.

Според неа, за откочување на процесите, можат да придонесат албанските партии со тоа што би се откажале од нивната платформа. Грчева смета дека дел од точките директно го загрозуваат уставниот поредок и немаат никаква правна основа во македонскиот Уставн и порачува дека никој не треба да помисли за редефенирање на државата.

„Што се однесува до барањето претседателот на Собранието ја одбие платформата, мислам дека Албанските партии треба да реферираат од неа, ако навистина имаат државни интереси како што прокламираа и да дозволат формирање на Влада. Околу начинот на избор на претседателот на Собранието сметам дека тука нема простор за дискусија. Во една парламентарна демократија барем на хартија пратениците се оние кои го избираат спикерот преку Комисијата за избори и именувања и таа не смее да биде прескокната“, додава поранешната претеничка.

На понудениот патоказ од СДСМ со одговор дека веќе постои граѓански договор – за промени, за квалитетен живот за сите граѓани и за единствена и унитарна Македонија со евро-атлантска иднина и оти нема потреба од нов. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека патоказот кој го понудија е добра основа за постигнување консензус околу излез од кризата. Порачуваат дека никој нема право да тргува со интересите на Република Македонија и да ја става во залог иднината на државата само заради гола борба за власт.

„Никој нема право да тргува со интересите на Република Македонија и Убедени сме дека со чесен пристап, откако ќе одговориме на отворените дилеми, ќе го имаме и одговорот во која насока треба да го бараме излезот од сегашната ситуација. Крајно време е СДСМ да престане со деструктивното однесување и да сфати дека прифаќањето на туѓи платформи само за поединци од криминогеното раководство на СДСМ да се спасат од одговорност за криминалите ја водат државата во погрешна насока“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова се петте точки кои ги содржи патоказот за излез од моменталната политичка криза во земјава.

1. Да се усогласиме дали важноста на политичката праксата за Коалицирање на победник со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата дали како таква треба опстои или се отфрла сега и во иднина. Доколку се отфрла тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор? – Ова е неопходен предуслов со цел одбегнеме двојни стандарди во домашната политика и менување на политичките традиции, обичаи зависно од изборните резултати. На долг рок усогласувањето околу овој принцип и неговото важење или отфрлање ќе донесе поголема предвидливост на политичката сцена.

2. Дали се прифатливи странските агенди во внатрешно-политички цели или пак единствено тие кои што се претставени и верификувани од граѓаните на Република Македонија на избори се актуелни, релевантни и продуктивни агенди за државата?

3. Дали при конституирање на Собранието, сегашното но и во секој иден состав позицијата Претседател на Собранието на Република Македонија логично би му следело на политичката коалиција или партија којашто победила на изборите или треба да биде предмет на надгласување?
– Во истиот контекст, кои би биле гаранциите дека оваа позиција Претседателот на Собранието на Република Македонија не би била злоупотребена за политички махинации со цел одложување на одредени закажани или превидени избори и игнорирање на волјата на мнозинството граѓани кои што имаат најголем број на изгласани пратеници во Собранието?

4. Дали се сите политички актери согласни со задржувањето на мултикултурниот модел македонското општество со подеднаква промоција на сите заедници или се поддржува промена на овој моделот во двонационален, на сметка на повеќето не мнозински заедници?

5. Дали врвен приоритет во овој момент останува стабилизирањето на земјата, институциите, економијата и европските реформи за евроинтеграции како обединителна сила за сите граѓани, или пак сите овие приоритети треба да се заменат со редефинирање на односите помеѓу заедниците и државното устројство на Република Македонија?