Јунајтед аутсајдер во дуелот против Сити

Како ретко кога, фудбалерите на Манчестер Сити ја имаат фаворитската улога иако за противник го имаат далеку потрофејниот градски ривал Манчестер Јунајтед кој на располагање ја има и предноста на домашниот терен.

Денешниот дуел на „Олд Трафорд” сигурно ќе привлече најголемо внимание кога се прашање заостанатите натпревари од 29 и 30 коло од англиската Премиер лига.

За разлика од домаќинот, кој има само теоретски шанси за пласман и тоа само во последното квалификациско коло од Лигата на шампиони, гостинот од „Итихат” има обврска да слави на ова тешко гостување и да ја оправда улогата на прв фаворит кога е во прашање борбата за шампионската титула во англиската Премиер лига.

„Ќе се обидеме, сакаме да одиграме што е можно подобро. Не одигравме како што треба на претходните дерби натпревари во домашниот шампионат. Манчестер Јунајтед сака да победи на сите преостанати натпревари без разлика на противникот, без разлика каде играме, дали дома или на гостин. Знам дека ќе ја подобриме нашата игра во следниот период, сакам да покажеме дека сме желни за борба и докажување”, изјави менаџерот на „црвените ѓаволи”, Дејвид Мојс.

Фудбалерите на Арсенал денеска ќе се обидат да ја искористат предноста на домашниот терен во дуелот против екипата на Свонси, а голема борба и неизвесност до последниот судиски свиреж се очекува и на дуелот помеѓу екипите на Њукасл и Евертон.