Целовечерен Велигденски концерт на „Танец“ во Велес

Светски прославениот Ансамбл за народни песни и игри „Танец“ во петокот вечерта во преполната сала на новиот театар во Велес одржа целовечерен Велигденски концерт, кој беше бурно поздравен од публиката, а играорците искажаа, исто така, задоволство од настапот.

На програмата играорците на „Танец“ настапија со македонските ора и игри: Сред село, Џамала, Водичарки, Седенка, Малешевка, како и со композициите Христос воскресе из Мертвих и народните песни: Посејала Баба, Дојди дојди малој моме, Не оди боса, Ја излези лично либе, Заспала Јана Јанинка, Да сам С’лнце, како и инструменталната композиција Разигран Танец и естрадно оро.

Марјан Андовски, играорец и асистент на Играорен кор во „Танец“, рече дека е презадоволен од настапот пред бројната велешка публика.

„Во Велес секогаш кога доаѓаме има преполно публика која е добро музички едуцирана и која секогаш по нашиот настап на наше задоволство нé наградува со силен аплауз на бис, а така беше и вечерва. Затоа и ние го дадовме максимумот на сцена и концертот беше повеќе од одличен. Во Велес доаѓаме и на Интернационалниот фолклорен фестивал секое лето, а ќе дојдеме повторно кога ќе бидеме поканети“, истакна Андовски.

Со Велигденски концерт, по премиерата во Скопје и концертите во Битола и во Велес, ансамблот „Танец“ ќе нстапи и во Кочани, Тетово, Гостивар и Ресен. Воедно се подготвува и за настап во Бугарија и на други фестивали и настапи во странство, најави Андовски.