Процесот на евроатлантските интеграци на Република Македонија треба веднаш да биде деблокиран и да се исправат неправедните одлуки, затоа што земјата заслужува да стане членка на НАТО што е можно побргу и со своето учество во меѓународните мисии, сиве овие години покажала дека има капацитет и знаење да биде рамноправен партнер, се истканува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод изјавите на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас кој претходно во свој говор, како што пренесуваат тамошните медиуми, го повторил „цврстиот став“ на Атина во врска со ова прашање.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека Република Македонија ги исполни сите услови за членство во НАТО уште во 2008 година на самитот во Букурешт и оти само поради непринципиелната блокада од страна на Грција во моментов Македонија не е членка на НАТО.
„Впрочем и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 2011 година, се потврди дека Грција ги прекршила одредбите од Времената спогодба, ставајќи вето на влезот на Република Македонија во НАТО“, се посочува во реакцијата
Претходно во неделата грчките медиуми пренесоа дека Коѕијас на собир во местото Кожани рекол оти неговата влада „нема да потклекне под притисоци за прием на БЈРМ во НАТО под времената референца“, како што овие денови се пишуваше повикувајќи се на извори во Брисел дека НАТО брза да го реши ова прашање до пролетта 2018 година.
Коѕијас, според истите извор, рекол дека грчката влада нема да отстапи од
своите ставови прво да се реши спорот со името, а потоа Македонија да стане
членка на Алијансата. Потврдил дека во среда ќе се сретне со министерот за надворешни Никола Димитров, и додал оти тогаш ќе процени дали новите изјави на македонската влада кон Грција, имаат пријателски тон.
За ВМРО-ДПМНЕ, којашто ја има најголемата пратеничка група во Собранието, изјавите на шефот на грчката дипломатија во кои се повторуваат црвените линии на Грција не одат во прилог на добрососедските односи.
„Со изјавата дека Република Македонија ќе може да стане членка на НАТО дури откако ќе се реши проблемот кој Грција го има со нашето име, Коѕијас не придонесува за надминување на проблемот. Напоменувањето дека Грција нема да потклекне под притисоците за зачленување на Република Македонија во НАТО под времената референца може да доведе до дополнително закопување на двете страни во сопствените ровови“, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од оваа партија посочуваат дека премиерот Зоран Заев и неговата влада им ветија на граѓаните брз влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Зоран Заев и СДСМ мора да ги исполнат ветувањата токму како што беа дадени. Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО час поскоро, но притоа да не се задира во идентитетските прашања и да не се склучуваат договoри на штета на Македонскиот народ и држава“, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕ.