ЕУРО 2017 У21: Македонските младинци не успеаја да го задржат водството против Србија

(Photo by Boris Streubel - UEFA/UEFA via Getty Images)

Мигови недостигаа македонските фудбалери до 21 година да ја остварат според досегашниот рејтинг сензационалната победа против Србија, сепак на крај мораа да се задоволат со реми од 2:2 (0:1).

Македонската млада селекција против фаворизираната Србија во прв ред поради неискуството со гол примен во 90 минута ја испуштија историската прва победа во првото појавување на една македонска фудбалска репрезентација на големо континентално натпреварување.

Претходно Македонија направи пресврт за неполни 20 минути во второто полувреме, откако во првото Србите поведоа со 1:0. Во 24 минута Гачиновиќ искористи збунетост на нашата одбрана, но и грешка на судиите го превидоа офсајд ситуација, па погоди за водство.

Откако првото полувреме го одиграа далеку послабо од своите вистински можности, македонските фудбалери во вториот дел заиграа доста поангажирано, откако во игра влегоа Елиф Елмас и Никола Ѓорѓев. Токму двајцата ја направија разликата, прво Елмас изнуди пенал, кој го претвори во гол Енис Барди, а потоа Ѓорѓев ги презентираше своите способности и со удар од далечина поведе за 2:1.

Србите, кои во овој дуел влегоа сигурни дека ќе постигнат победа по поразот од Португалија во првото коло, се спасија во последните моменти, кога Ѓурѓевиќ беше најумешен по еден прекин, погодувајќи ја мрежата со глава.

Македонија не го сочува водството, но со зголемена самодоверба по високиот пораз од Шпанија, ќе се насочи кон последниот натпревар од групата, против Португалија во петок.