Првиот кинески носач на авиони и неговата флота ќе бидат отворени за јавноста при посетата на Хонгконг по повод одбележувањето на 20-годишнината од враќањето на оваа поранешна британска колонија на матицата Кина, објави кинеската службена новинска агенција Xinhua во неделата.
Флотата на носачот „Лиоанонг“ ќе ја демонстрира „воената моќ“ и достигнувањата на кинеските поморски сили, ја цитира Xinhua изјавата на портпаролот на Кинеската народна ослободителна воена морнарица, Јанг Лианг. Според медиумите, предвидено е флотилата да пристигне во Хонгконг во петок.
Кинескиот претседател Кси Џинпинг во саботата во говорот по повод полагањето на заклетвата на новата челничка на Хонгконг остро предупреди дека Пекинг нема да толерира никакво загрозување на власта во политички и идеолошки поделениот мегалополис. Станува збор за најсилниот говор на Кси во екот на загриженоста поради, како што западот смета, зголеменото мешање на Пекинг во оваа негова повратена територија, коа има делумна автономија.
„Секој обид да се загрози кинеската сувереност и безбедност, предизвикувањето на силите на централната влада… или користењето на Хонгконг за изведување на активности за инфилтрирања и саботирања против остатокот од Кина се чин кој ја минува црвената линија и апсолутно е недозволив“, порача Кси.
Носачот „Лиаонинг“ пловеше претходниот период недалеку од дефакто независниот Тајван.
Kина кон крајот на април годинава го доби својот прв носач на авиони кој самата го изгради, а ќе биде вториот носач во нејзината флота, што ги потврдува нејзините амбиции за здобивање моќ на морето. Носачот на авиони изграден во пристаништето Далиан на североистокот од Кина, официјално ќе биде ставен во служба по 2020 година, бидејќи ќе биде потребно време да се опреми целосно и да се вооружи.
Кон крајот на 2015 година Пекинг ги потврди информациите дека започнува со градење сопствен носач на авиони, и оттогаш кинеските медиуми и странските воени стручњаци редовно пренесуваа информации и сателитски и други снимки за неговото градење. Трупот на бродот, погонот и главниот бродски систем се целосно завршени, меѓутоа ќе биде потребно време за вградување на вооружувањето и опремата за авионите.
Малку е познато за кинеската програма за градење носачи на авиони, бидејќи станува збор за државна тајна, меѓутоа објавено е дека во неговото градење се искористени искуствата од градењето на првиот носач „Лиаонинг“ кој беше купен недоврешен од Украина во 1998 година а потоа преуреден во кинеско бродоградилиште.
Новиот носач, кој ќе биде вооружен со конвенционално оружје, а според податоците на Центарот за стретешки истражувања во Вашингтон ќе носи 24 авиони од типот „Shenyang J-15“, кинеската верзија на рускиот „Сухој 33“. Според истиот извор, носачот ќе биде опремен и со 17 хеликоптери.
Властите на Тајван, пак, сметаат дека Кина всушност изгрдила два нови носачи на авиони, но оти Пекинг официјално тоа не го потврдува.
Кинеските воени експерти во разговори за медиумите наведуваат дека на земјата ѝ се потребни најмалку шест носачи на авиони и мрежа од бази ширум светот, за да може да се одвиваат нивните операции. Кинеската влада, сепак, уште јавно не одговори на претпоставките дека сака да има глобална присутност, како на пример американската војска. Споредбено, САД имаат десет носачи на авиони.
Носачот „Лиаонинг“ неодамна учествуваше во воените вежби во Јужнокинеското Море и во близина на Тајван, но се очекува дека ќе има позначителна улога во обуката отколку борбена.
Кинеската воена морнарица последните месеци има сé поистакната улога и нејзината команда ја презема адмирал чијашто кариера е во силен подем. Неодамна првиот кинески носач на авиони пловеше околу Тајван, а новите кинески борбени бродови се појавуваат и во поодалечените води во светот.
Кина полага право на речиси целото Јужнокинеско Море за коешто се смета дека крие големи резерви од нафта и природен гас, и низ коешто минува годишен поморски трговски промет во вредност од пет билиони американски долари. Кина, исто така, забрзано гради воени постројки на островите коиишто ги контролира во ова море, а на коешто исто така право полагаат и другите земји, како Брунеи, Малезија, Филипини, Тајван и Виетнам, кои се сојузници на САД во пацифичкиот регион.