Сообраќајните незгоди се случуваат секому, секаде и во секое време и секој учесник во сообраќајот секогаш треба да биде максимално одговорен и внимателен, да ја прилагодува брзината кон условите на патот, да биде концентриран и внимателно да ги следи случувањата во сообраќајот, да држи безбедно растојание, да ги почитува сообраќајните правила и прописи, да ја следи и максимално да ја почитува поставената сообраќајна сигнализација. `
Правната регулатива и техничките стандарди не го дефинираат прецизно поимот „црна точка“ на патиштата, но генерално преовладува толкувањето дека „црна точка“ е одредено место на патот на кое во тек од една година се случиле четири или повеќе сообраќајни незгоди.
Одредени делници од патната мрежа во Република Македонија веќе подолг временски период претставуваат потенцијално опасни места за животот на учесниците во сообраќајот. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување до возачите кои се „црните точки“ (места) каде најчесто се случуваат сообраќајни незгоди на патиштата во Република Македонија и каде најмногу треба да се внимава.
Во категоријата потенцијално опасни места „црни точки“, се издвојуваат следниве делници:
клучката кај Хиподром, клучката Илинден, потегот од наплатната станица Петровец до клучката Кадино, мостот кај Катланово, делницата Демир Капија-Удово, потоа делницата Штип-Радовиш (место викано „8-ми километар“ и место викано „Пилафтепе“).
Во правец од Скопје кон Охрид, како посебно опасни места се издвојуваат: патниот правец Желино-Тетово, потегот од наплатната станица Тетово Југ до наплатната станица Гостивар, кај село Зајас (Гостивар-Кичево), село Мешеишта, (Кичево-Охрид), мостот на реката Сатеска село Ботун (Кичево-Охрид), клучката за влез во Охрид кај село Подмоље на делницата Охрид-Струга.
На патот Охрид-Свети Наум најопасни се деловите кај Свети Стефан, односно кај хотел „Гранит“, раскрсницата на влезот кон комплексот „Инекс Горица“, населбата Рача и селото Пештани.
Како посебно опасни места, се издвојуваат и: На регионалниот пат Кичево–Демир Хисар:местото Чакор; местото Прибилечки кривини; место Зли дол.
На регионалниот пат Дебар-Струга, најкритично е кај село Велешта и кај село Враништа. На регионалниот пат Прилеп-Крушево: место Смилевски трла.
РСБСП апелира на внимателно и одговорно учество во сообраќајот на сите патни правци со посебен акцент на наведените „опасни места“.
Во Република Македонија во фаза на изградба или на реконструкција се голем број локаклни, регионални и магистрални патиштата. Во фаза на реконструкција се и постојаните автопати, а во тек е изградба и на нови автопати. Целиот овој процес придонесува бројот и локациите на црните точки динамично да се менува и токму затоа РСБСП ги повикува возачите да бидат посебно внимателни на сите делници од патната мрежа каде се изведуваат градежни работи, да ја намалат брзината и да ја следат поставената сообраќајна сигнализација, која дава дополнителни насоки и упатства за безбедно одвивање на сообраќајот на тие делови од патната мрежа.
Во текот на летниот период се очекуваат градежни активности на неколку локации од кои како поважни ги издвојуваме:
реконструкција на десната страна на коловозот од Граничен премин „Богородица“ до клучка Гевгелија, во должина од 5км
рехабилитација на сообраќајна возна лента на државен пат А1, делница Велес (Штипска клучка)-Градско и Градско-Велес (Штипска Клучка).
изведување на градежни работи на патниот правец А2 Гостивар-Кичево (делница Гостивар до с.Колари) во должина од 28,5 км. Истовремено ќе се изведуваат градежни работи за санација на мостовите на истиот пат.
градежни активности – електрично осветлување ќе се изведува кај клучката Белви на автопат А2, Е65, делница Хиподром-Миладиновци.
градежните работи за градба на магистралниот пат А4, делница Свети Николе-Штип. Има пренасочување на сообраќајот на делница-клучка кај село Кадрифаково од регионалниот пат Р526 на магистралниот пат А3 и обратно до Клучка кај село Три Чешми, по новоизградената коловозна лента.
изведбата на градежни работи на магистрален пат А4, делница клучка Кадино-клучка Хиподром
градежни работи на магистрален пат А2, Делница Гостивар-Кичево, по раскрсница Маврово на патот кон Кичево, сообраќајот ќе се одвива по една сообраќајна лента во должина од 800 метри (од км 98+100 до 98+900)
градежни активности на автопатот А1, коридор 10 од 114+673 км. до 126+272 км.) воспоставен е времен режим на сообраќај на автопатот А1, коридор 10 од клучка Неготино до клучка Демир Капија. Сообраќајот се одвива во насока од Скопје кон Гевгелија и Атина по регионалниот пат Р1102.
времена измена на режим на сообраќај на магистралниот пат А2, делница Кичево – Охрид (Пресека – Песочани). Режимот на сообраќај е предвиден со девијации, односно преминување од една на друга коловозна лента, во должина од 2,5 км
измена на режимот на сообраќај на делница автопат Куманово-Скопје (од 29+600 до 30+772 километар), населба Миладиновци. Затворена е за сообраќај лентата за застанување каде се одвиваат градежни работи, а сообраќајот се одвива по брзата и средната лента.
градежни работи за градба на државниот пат А4, делница Свети Николе-Штип од км 26+396,00 до км 47+107,00. Целосно е затворена делницата од км 28+520 (Свети Николе) до км 38+500 (постојана клучка Кадрифаково) и целокупниот сообраќај се пренасочува преку регионалниот пат P 1204.