Правникот Сашо Василесвки е назначен за директор на МЕПСО, а новинарот Љупчо Зиков за директор на финансии и комерци на компанијата која е електропреносен систем оператор во целосна државна сопственост, одлучила во саботата Владата.
Сашо Василевски дипломирал на Правниот Факултет во Скопје во 1992 година, а правосуден испит положил во 1996 година. Во 2000-та година го положил и нотарскиот испит, а од 1997 до 2006 година работел како адвокат со своја адвокатска канцеларија со седиште Ресен.
Од 2006 до 2008 бил заменик на министерот во Министерството за правда на Република Македонија. Од 2008 до 2010 година бил член во Комисијата за полагање правосуден испит. Од 2010 до 2011 повторно работел како адвокат во Ресен. Од 2011 до 2015 година бил член на Советот на јавните обвинители, за кое место повторно е предложен од страна на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Љупчо Зиков е новинар и директор на неделникот Капитал. Порано работеше во „Дневник“, МТВ и ТВ Алфа. Зиков беше и копретседател на партијата Алијанса за подобра Македонија, основана заедно со бизнисменот Минчо Јорданов и поранешниот премиер на СДСМ, Владо Бучковски.