Денес министерот Сугарески најави зголемување на цените на услугите на приватните геодетски фирми за 50%, намалување на цените на услугите на катастарот за 50% односно банкрот на катастарот како и укинување на бесплатните геодетски елаборати за социјално ранливите категории, како и за граѓаните од загрозените подрачја, изјави Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, на денешната прес конференција министерот Сугарески изјави дека сегашната максимална цена на услугите на приватните геодетски фирми во иднина ќе биде минимална цена, а со тоа и можноста за намалување од 50% на цените на приватните геодетски фирми кои што сега Законот ги овозможува.
– Сегашното законско решение ја регулира максималната цена на услугите и дава можност за намалување на цените од услугите на приватните геодетски фирми за 50%. Со одлуката максималната цена да биде минимална цена како и укинувањето на можноста за 50% намалување на цените на услугите министерот Сугарески фактички објави зголемување на цените на услугите на приватните геодетски фирми за минимум 50%. Имено тој изјави дека сегашната минимална граница ќе биде максимална граница додека максимална граница воопшто нема да постои. Имајќи во предвид дека во поедини градови во Република Македонија има една или ниедна геодетска фирма цената на услугите во тие градови може да се покачи дури и за повеќе од 100%, велли Трпески.
Во однос на најавата на министерот Сугарески дека ќе има намалување на цените на услугите за 50%, вели тој, треба да се објасни дека сега Агенцијата за катастар и недвижности својата цена ја формира врз основа на утврдена методологија од страна на Управниот одбор на Агенцијата во кој се вкалкулирани исклучиво трошоците за секоја цена на услугата.
Според Трпески доколку се спушти цената под нивото на трошоците кои што ги има Катастарот за секоја поединечно услуга тоа фактички ќе значи банкрот на Катастарот. Односно неможност на Катастарот да ги одржува системите, неможност на Катастарот да ги плаќа трошоците и неможност на Катастарот да исплаќа плата на своите вработени. Би сакале исто така да информираме дека Агенцијата за катастар и недвижности на Република Македонија има најниски цени на своите услуги во Европа.
– Министерот исто така денес најави и враќање на делот на надлежности кои што ги имаат Агенцијата за катастар и недвижности на приватните геодетски фирми. Фактички тоа значи укинување на бесплатните геодетски елаборати за социјалните категории на граѓани, и укинување на бесплатните геодетски елаборати за граѓаните од поплавените подрачја. Со ова, наместо овие категории на граѓани, кои што согласно Уставот на Република Македонија треба да бидат заштитени и згрижени, во иднина, ќе треба да плаќаат дури и зголемени цени на геодетски елаборати, вели членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.