Нашата земја во последно време доживува вистински инвестициски бум, благодарение на владините политики за привлекување на странски инвестиции. Политиката на ниски даноци, ослободување од плаќање на различни давачки и низа други поволности како магнет привлече повеќе странски компании, кои искористувајќи ги овие можности, дел од производството го лоцираат во технолошко-развојните зони во Македонија.
Голем дел од нив се токму насочени кон производство на автомобилски делови за некои од најпознатите и светски познати брендови како што се „Мерцедес“, „БМВ“, „Ауди“, „Мини“ и други.
Британската „Џонсон Мети“, која што има две фабрики во Македонија вредни вкупно 140 милиони евра, на светскиот пазар на автомобили му нуди катализатори за автомобилски мотори.
Електронските плочи за инструмент табли за автомобилите „Пежо“, „Цитроен“, „Рено“, „БМВ“, „Смарт“ и „Даимлер“ се произведуваат од странски инвеститор во земјава, а тоа е „Џонсон контролс“. Оваа американска компанија има два производни погони во земјава, од кои што едниот е во индустриската зона „Бунарџик“ и чини 40 милиони долари, додека втората инвестиција на оваа компанија се протега на 12 илјади квадратни метри во индустриската зона во Штип.
Доколку возите „БМВ“, „Мерцедес“, „Ауди“ или „Мини“, тогаш голема е веројатноста каблите, мрежите, пластичната технологија и мехатрониката во вашиот убавец на четири тркала, да бидат произведени токму во Македонија. Овие автомобилски се произведуваат од германската „Кромберг и Шуберт“ сместена во индустриската зона Жабени во Битола.
Електрични кабли за „Мерцедес Ц класа“ се произведуваат во исто така во Македонија, овој пат во Кавадарци. Станува збор за инвестиција која што се протега на 50 илјади квадратни метри и лини 30 милиони евра- „Дрекслемаер“.
Околу 150 Македонци произведуваат гумирани армирани црева за автомобили во рамки на италијанската инвестиција во земјава. Станува збор два погона на „Технохозе“ кои што се сместени во Бунарџик и вредат околу 16 милиони евра.
Американската компанија „Кемет електроникс“, која што произведува кондензатори, во Македонија изгради фабрика вредна 35 милиони долари, со цел да ги пласира своите производи на европските пазари.
Но, тука не запираат странските инвестиции од оваа индустрија. Тука е компанијата „Кофикаб“ од Тунис, лоцирана во Кавадарци, веднаш до „Дрекселмаер“. Станува збор за компанија која што произведува делови кои што се потребни за производството на „Дрекселмаер“.
Дваесет милиони долари ќе биде првичната инвестиција на американската КСС која објави дека ќе го прошири своето производство од Европа во Македонија. Производствениот капацитет кој што ќе биде на површина од 10.000 метри квадратни ќе се гради во Кичево во слободната економска зона.