Откако и изминатата ноќ, ден откако стана светски рекордер по загаденост на воздухот, Скопје бележеше екстремно рекордни показатели за загадувањето на воздухот, граѓаните на социјалните мрежи се самоорганизираат за протест и бојкот.
Воздухот во Скопје и ноќта во четвртокот беше екстремно загаден. Мерните станици покажуваа дека највисока загаденост е регистрирана кај локацијата „Ректорат“ со 506 микрограми ПМ честитчки на метар кубен. Потоа следува „Карпош“ со 479 микгрограми ПМ 10 честички на метар кубен, па „Центар“ со 389, „Гази Баба“ со 355 и „Лисиче“ со 283 микгрограми ПМ 10 честички на метар кубен.
Пред зградата на Владата за во сабота се најавува протест под мотото „Станете за чист воздух“, кој ќе се одржи од 12 до 14 часот.
„Протестот не е организиран од политичка партија, организиран е од граѓани… организиран е од тебе, од мене, од твоите деца, од вашите родители, од сите нас кои дишеме загаден воздух…. Пожелно е да носите маски на протестот. Транспаренти секој со своја инспирација“, се наведува во објавата на фејсбук страницата на иницијативата.
Во среда, пак, родителите најавуваат бојкот на наставата на нивните деца, наведувајќи дека со тоа имаат намера да укажат и да алармираат на тоа дека проблемот не само што не е решен, туку и изостануваат какво и да се најави дека ќе биде решен.
Голем број родители кои ја поддржаа иницијативата, бараат итно решение со загаденоста на воздухот.
„За важноста на справување со загадувањето, како најголем и најопасен проблем потсетуваме веќе 4 години. Досега се обидовме со чести собири за искажување на назадоволството од несправувањето со ниедна точка од овој комплексен проблем, да ги потестиме службениците да си ја сработат работата за која се нафатиле да ја сработат, а за што добиваат плата од наши пари. Бидејќи досегашните форми на протест не вродија со никаков плод, отсега го менуваме начинот на искажување револт“, се наведува на страницата на Фејсбук на оваа акција.
Новиот скопски градоначалник Петре Шилегов, чијашто владејачка партија СДСМ кој во предизборната кампања и за ланските парламентарни и за годинешните локални избори на гласачите им ветуваше „чист воздух“, изјави дека „според неговите информации иницијативата била политички мотивирана за да се дискредитирале и локалната и централната власт во борбата против загадувањето“. Притоа Шилегов заборава дека изминатите неколку зими активистите од неговата партија беа предводници на протестите за загаденоста и при далеку пониски показатели.
Шилегов, дури, ги обвини граѓаните дека правеле „реално шоу“ од оваа тема, а, конкретна стратегија за преземање конкретни чекори најавува за следната година.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во четвтокот рече дека дел мерките кои се преземаат против загадувањето се акцијата за чистење на Скопје, дека се работи на нов концепт за јавен превоз, на усогласување на деталните урбанистички планови на општините со генералниот урбанистички план за да може да се стопира дивеењето во градбата.