Католиците и дел од православните денеска го слават Божик

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во Македонија централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде синоќа имаше божикна полноќна света литургија.

На литургијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, со сопругата, претставници на дипломатскиот кор, политички партии, верски заедници…

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната порака.

-Таинството што оваа ноќ ја претвора во светлина посилна од денот, таинството што ни овозможува во оваа ноќ да бидеме будни, соземени и во радост, има еден збор – Божик. Празнуваме настан на верата што е дар за човекот кој има отворено срце. Божик е. Никогаш не е доцна да се вратиме и да се преобразиме во божикното таинство и покрај тешките факти што го обележуваат 21 столетие. Кој е условот да си го погледнеме срцето и во него да ги исчистиме сите нечисти мисли на оваа хедонистичка цивилизација и да се обидеме барем да се покаеме за својата себичност, комотност, менталитет, уживање.

Ова покајание нека ни ја отвори вратата на срцето за да можеме со чисто око да го дочекаме секое новороденче на кое Бог му го дарувал дарот на животот. Оваа ноќ да ги направиме нашите срца среќни, да не бидат робови на богатството и себичноста, туку во својата едноставност да ги прифатат малите и сиромашните, бидејќи не знаеме кај кого вечерва ќе тропнат на врата Јосиф и Марија со Исус во рацете. Отворете ги ширум вратите Христос слободно да влезе во нашиот живот и нашата историја. Честитајќи ви го празникот Рождество Христово, токму тоа го посакувам. Со едноставноста на пастирите и со верата на св. Семејство да го прифатиме Христос Спасителот и широко да ги отвориме нашите срца кон проблемите на денешнината во кои малечките молат за право на живот. Амин. Честит празник Рождество Христово – Христос се роди!, истакна бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.

Божик денеска слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.