Скок од фантастични 105,54 отсто е забележан кај прометот на Македонска берза во текот на месец март, стои во Месечниот статистички билтен за март. Во овој период прометот беше на ниво од 372 милиони 93 илјади и 195 денари.
Раст е забележан и кај бројот на трансакции каде што се бележи пораст од 6,42 отсто, а намалување е забележано кај пазарната капитализација и тоа од 4,49 отсто.
Најтргувани акции во текот на март беа оние на Комерцијална банка со учество од 52,03 отсто во вкупниот промет со 315 трансакции, а веднаш зад нив се хартиите од вредност на „Алкалоид“ со 124 реализирани трансакции, додека на трето место е „Макпетрол“ со 98 трансакции.
Акциите на „Струмица табак“ во март забележаа најголем скок и тоа со 31,40 отсто, потоа оние на „Витаминка“ со 19,98 отсто, додека со пораст од 13,76 отсто се хартиите од вредност на „Топлификација“.
Пад од 25 отсто забележаа акциите на „Арцелормитал ХРМ“ од Скопје, потоа следат оние на „Ветекс“ од Велес со намалување од 22,35 отсто, додека со 18 отсто во минус завршија акциите на „Арцелормитал ЦРМ“.